Невролог открива дека на своите деца не им дава да јадат мед пред да наполнат една година. Уште некои правила што ги следи се раното изложување на алергени и забраната на слатки пијалаци во бебешка возраст.
Како невролог, Баибинг Чен секојдневно се занимава со органот што нè дефинира – човечкиот мозок. Дијагностицира сè, од хронични главоболки до сложени невродегенеративни болести. Сепак, една од најважните задачи во заштита на мозокот се случува во неговата кујна, каде со сопругата ги воспитува децата.

„Периодот од раѓањето до раното детство е клучен за невропластичноста и растот, а исхраната директно влијае на долгорочното здравје на мозокот. Иако моите деца јадат разновидно како нивните врсници, цврсто се придржувам до три клучни правила, особено во првата година од животот“, откри во текст за „CNBC“.
Без мед пред наполнета прва година
Иако се случува ретко, медот за бебе може да биде смртоносен. Причината е што медот, дури и во мали количини или варен, содржи спори од бактеријата Clostridium botulinum.
Дигестивниот систем на бебето сè уште не е доволно зрел за да се бори против тие спори, што им овозможува да се развијат во активни бактерии кои произведуваат ботулински невротоксин. Тоа може да предизвика бебешки ботулизам, редок, но исклучително сериозен облик на труење со храна.
Токсинот го напаѓа нервниот систем и предизвикува мускулна слабост. Симптомите кај бебињата вклучуваат слаб плач, лош рефлекс на доење и намален мускулен тонус. Во најтешките случаи може да дојде до парализа на дишните мускули, откажување на дишењето, па дури и смрт.
Центрите за контрола и превенција на болести и Американската академија за педијатрија нагласуваат дека на бебињата „не треба да им се дава никаква храна што содржи сиров или варен мед.“
Рано изложување на вообичаени алергени
„Години наназад на родителите им се советувало да го одложат воведувањето на вообичаени алергени како кикирики и јајца. Денес знаеме дека тој совет бил погрешен. Одложувањето всушност може да го зголеми ризикот од развој на тешка алергија на храна“, истакнува д-р Чен.
Насоките се промениле по важна студија која покажала дека раното воведување на кикирики значително го намалува ризикот од алергија кај бебиња со висок ризик, дури за 86%. Дополнителни истражувања потврдиле дека раното воведување и на други алергени, како варено јајце, штити од развој на алергиите.
Промени во однесувањето, како раздразливост или хиперактивност, понекогаш се поврзуваат со алергиите на храна. Иако овие ефекти може да се должат на непријатност предизвикана од имунолошкиот одговор, а не директно на невролошко оштетување, тие сепак можат да влијаат на невролошки и бихевиорални исходи.

„Кога моите деца беа подготвени за цврста храна, околу четири до шест месеци, сопругата и јас им воведовме високоалергени намирници во соодветна форма, како кикирики и варено јајце. Продолживме редовно да ги вклучуваме во исхраната за да изградиме здрав имунолошки систем и мозок“, додаде д-р Чен.
Без засладени пијалаци во бебешка возраст
„Кај моите деца помали од една година ги избегнувам сите форми на течни калории и неехранливи засладувачи. Тоа значи – без сокови, пијалаци засладени со шеќер и пијалаци со вештачки засладувачи. Прекумерен внес на шеќер може да предизвика метаболички стрес и да го активира системот на награда во мозокот слично како супстанци што предизвикуваат зависност. Исто така, се поврзува со оштетување на учењето и меморијата“, објаснил неврологот.
Дури и мали количини слатки пијалаци во бебешка возраст се поврзани со зголемен ризик од дебелина подоцна во детството. Раното изложување на слатки вкусови може да создаде животна склоност кон таква храна, што потенцијално влијае на емоционалната регулација и однесувањето.
Овошните сокови можеби делуваат здрави, но се лоша замена за вистинско овошје. Без разлика дали се природни или органски, тие не содржат корисни влакна кои го забавуваат апсорбирањето на шеќерот. На децата им даваат премногу калории, не ги заситуваат и можат да ги истиснат хранливите намирници со поголема нутритивна вредност.

За вештачките засладувачи нема долгорочни податоци за безбедност кај децата. Иако се потребни дополнителни истражувања, постои загриженост дека тие можат да го променат цревниот микробиом, да ја нарушат регулацијата на шеќерот во крвта и да влијаат на перцепцијата на слаткиот вкус.
„Пред првиот роденден, мајчиното млеко беше примарен извор на исхрана за моите деца. Водата ја воведувавме во мали количини со дополнителна храна по шесттиот месец. Од тогаш пиеја главно вода и млеко. Иако засладените пијалаци ги држиме на минимум, сопругата и јас веруваме дека е поважно да ги научиме децата како да донесуваат добри одлуки отколку да применуваме строги ограничувања додека растат. Како и секогаш, за исхраната на вашето дете консултирајте се со здравствен работник“, заклучил тој.












