Патрик веќе по првиот и вториот месец почувствувал огромна промена во расположението, амбицијата и позитивноста. Ментално се чувствувал подобро речиси веднаш. Тоа искуство му го променило животот.
Што би направиле ако еден ден сфатите дека сопствената тежина ве спречува во најобичната игра со вашето дете? Токму тоа му се случило на Патрик Енсли, татко од САД, кој поради прекумерна тежина достигнал 136 килограми, бил исцрпен, депресивен и останувал без здив по неколку скалила. Потоа — пукнал. И одлучил целосно да го промени својот живот.
Патрик се присетува како килограмите постепено му земале сè — волја, енергија и радост. Со 136 килограми едвај функционирал, а семејните моменти наместо да го радуваат, станувале физички напор.
„Се будев неколку пати во текот на ноќта. Дури и кога ќе спиев десет часа, наутро немав желба да станам од кревет. Бев вкочанет и уморен. Имав болки во нозете, грбот и колената … Бев целосно несреќен“, опиша тој.
Додал и дека останувал без здив секој пат кога се качувал по скали, а сето тоа го туркало во уште подлабока депресија.
Пресудниот момент
Еден ден сфатил дека мора да стави крај на сè. Тоа го нарекол „пресуден момент“ — прв вистински увид колку му е нарушено здравјето. Тогаш заедно со сопругата Кејтлин решил да влезе во радикален експеримент: диета составена исклучиво од месо и јајца.
Неговото дневно мени било екстремно едноставно, но исклучително рестриктивно:
• 450 грама стек
• 500 грама мелено месо
• 6 јајца дневно
Кога ќе го фатела желба за грицки, јадел:
• чварки
• тенко сечено сирење
• суво месо
Мотив? Еден и јасен — сакал да го гледа својот син како расте, а не животот да го набљудува од страна.
Патрик им порачува на сите што размислуваат за ваква промена да го најдат своето емоционално „гориво“.
„Запишете си цел. Јас ја ставив сликата на мојот син како позадина на мобилниот, за да го гледам секој ден. Ставете потсетник таму каде што често гледате. Фотографирајте се за да го следите напредокот“, вели тој.
Додава и дека токму фотографиите и мерењата ќе бидат најсилен доказ за напредок кога вагата ’ќе застане‘, бидејќи центиметрите околу половината зборуваат многу повеќе од бројката на екранот.

Резултати по една година
По 12 месеци Патрик постигнал резултати за кои многумина само сонуваат:
• ослабел 64 килограми
• го намалил обемот на половината за 48 сантиметри
• го подобрил сонот
• се ослободил од болки во нозете, грбот и колената
• добил енергија каква со години не почувствувал
• доживеал огромно ментално олеснување
„Веќе по првиот или вториот месец почувствував огромна промена во расположението, амбицијата и позитивноста. Ментално се чувствував подобро речиси веднаш. Ова искуство целосно ми го промени животот и ми ја врати смислата“, изјави тој.
Денес без проблем се качува по скали и тврди дека се чувствува како сосема нов човек.
Но, најголемата победа за него не е бројката на вагата, туку секојдневните моменти со неговиот двегодишен син.
„Сега кога ќе се вратам дома, можам да го фрлам синот на каучот, да го завртам наопаку, да се играме со камиони, возови … Сè што сака. И сè уште имам енергија“, раскажува тој.
На крајот, Патрик вели дека наскоро планира постепено да ја прошири исхраната и да воведе други намирници, но без враќање на старите навики што го довеле до работ.













