[ФОТО] Овој град го преживеал најразурнувачкиот потрес во историјата на Европа: Постар е од Рим, а исто како и италијанската престолнина подигнат е на седум ридови

Точка

27/11/2025

20:55

477

Големина на фонт

а а а

„Ако сонувате за вашето следно патување, дојдете и откријте го Лисабон, историскиот град полн со приказни што чекаат да бидат раскажани, каде што сонцето сјае 300 дена во годината, а температурите ретко паѓаат под 15 степени. Град каде што се чувствувате безбедно додека шетате низ неговите улици, дење или ноќе, каде што гастрономијата е посветена на создавање повеќе од илјада начини за подготовка на вашиот омилен бакалар и каде што ќе најдете хотели и ресторани за сечиј вкус, буџет и барање“.

Токму со овие зборови Туристичката заедница на главниот град на Португалија ги повикува посетителите да ја откријат оваа романтична метропола на атлантскиот брег.


И навистина е така, убавецот на седум ридови никого не остава рамнодушен, а во продолжение неколку занимливости за Лисабон кои можеби не ги знаевте, како и историски факти што откриваат зошто овој град е толку уникатен, живописен и неодолив во секој период од годината.


Лисабон е постар од Рим

Лисабон е град со исклучително долго и слоевито минато, толку старо што според многу историски извори го надминува дури и Рим. Според најчесто прифатените теории своите темели ги добил речиси четири векови пред настанувањето на славниот италијански град, што го вбројува меѓу најстарите европски престолнини. Неговата приказна започнува во време кога брегот на Атлантскиот океан бил дом на древни народи, далеку пред римските легии и монументални форуми.


Потрес што ја сменил историјата на Лисабон

На 1 ноември 1775 година Лисабон го доживеал едниот од најстрашните потреси некогаш забележани во Европа. Во 9 часот и 40 минути, градот бил погоден од разорен удар со проценета магнитуда од 8,5-9,0 степени, кој претворил еден обичен ден во една од најтрагичните епизоди на европската историја.


Се смета дека 100.000 лица ги загубиле животите, а по земјотресот следувале и силни цунами и големи пожари што го зафатиле речиси целиот град. Таа катастрофа оставила неизбришлива трага врз Лисабон и го обликувала неговиот изглед и идентитет.

Лисабон е изграден на седум ридови

Исто како и Рим, Лисабон традиционално се опишува како град изграден на седум ридови. Ова тврдење првпат се појавило во 17 век, кога португалскиот писател Фреи Николау де Оливеира, во своето дело „O Livro das Grandezas de Lisboa“, навел седум ридови врз кои се развивал градот: Сао Хорхе, Сао Висенте, Санта Ана, Санто Андре, Санта Катарина, Чагас и Сао Роке. Иако модерниот Лисабон се протега многу подалеку од оваа историска област, терминот град на седум ридови и денес се користи како географска и културна ознака на градот.


Трамвајот 28 вози како ролеркостер

Трамвајот 28 во Лисабон е едно од оние возења што долго се паметат бидејќи ги води патнците низ мрежа од улици кои изгледаат како од филм. Познатиот жолт трамвај се искачува по стрмни падини и се спушта по остри кривини, па патниците често велат дека им се чини како да им пркоси на законите на физиката.


Во одредени моменти, поминува веднаш до фасадите на куќите, толку блиску што би можеле да го допрете прозорецот од другата страна, а стрмните искачувања го претвораат патувањето во искуство кое потсетува на кратка авантура во луна-парк. Затоа возењето со овој легендарен трамвај е идеален начин да се запознаете со сончевата португалска престолнина.


Мостот 25-ти април изгледа како Голден Гејт и тоа не е случајно

Мостот 25-ти април честопати ги збунува посетителите бидејќи на прв поглед неодоливо наликува на славниот Голден Гејт во Сан Франциско. Но сличноста не е нималку случајна.


Неговата челична конструкција ја проектирала американска компанија која работела и на познатиот калифорниски мост па тој препознатлив изглед природно бил пренесен и на португалската варијанта. Кога првпат ќе застанете под масивните столбови и ќе погледнете кон црвената силуета што се протега преку реката Тахо, чувството е речиси неверојатно.


Главен град со најмногу сончеви денови во Европа

Лисабон со право ја носи титулата на еден од најсончевите европски градови. Во просек има околу 300 сончеви денови годишно, што е повеќе од бројни познати медитерански дестинации. Токму таа светлина му ја дава на градот неговата препознатлива топлина и живост, а жителите честопати велат дека во Лисабон едноставно чувствуваат подобро будејќи сонцето речиси „никогаш не заоѓа“.


Во Лисабон настанал еден од најемотивните музички жанрови во светот

Фадото е родено во тесните, стрмни улици на лисабонските квартови Алфама и Моурарија, меѓу рибари, патници и луѓе кои ги преточиле своите радости и таги во песна. Меланхолично, интимно и длабоко емотивно, фадото е начин на раскажување приказни за животот, за љубовта, загубата, копнежот и надежта.


Затоа не е изненадувачки што УНЕСКО го прогласи овој уникатен музички феномен за нематеријално културно наследство, потврдувајќи го она што жителите на Лисабон го знаат со векови: фадото не се слуша само во тишина, туку се чувствува.