Настинати сте и ве мачи затнат нос? Овој едноставен метод може да ги олесни симптомите

Точка

27/11/2025

15:00

398

Големина на фонт

а а а

Со доаѓањето на зимата и постуденото време, многумина се соочуваат со респираторни тегоби како што се затнат нос, кашлица, гребење во грлото и отежнато дишење.

Во сезоната на настинки и вирусни инфекции, природната инхалација претставува едноставен и делотворен начин за ублажување на симптомите, особено кај проблеми со синусите и носот.

Вдишувањето топла пареа помага во разредување на слузта, го олеснува нејзиното исфрлање и го намалува отокот на слузокожата на носот и синусите. Покрај тоа, топлата пареа ја подобрува циркулацијата во дишните патишта, што дополнително го олеснува дишењето. Ефектот на инхалацијата може да се засили со додавање природни состојки како камилица, сол или етерични масла.


За овој метод не е потребна посебна опрема, а постапката лесно може да се изведе дома.

Потребни состојки:

- 1 до 2 литри превриена вода

- 1 лажичка морска или кујнска сол

- По желба: кесичка камилица или сушени цветови, неколку капки етерично масло од еукалиптус или мента, листови жалфија или ловор

Постапка:

- Загрејте ја водата до вриење и ставете ја во стабилен сад.

- Додајте ги избраните природни состојки.

- Наведнете се над садот, држејќи го лицето на оддалеченост од околу 30 центиметри.

- Покријте ја главата со пешкир за да остане пареата концентрирана.

- Вдишувајте ја пареата преку нос и уста 5 до 10 минути.

- По инхалацијата останете во топла просторија најмалку 15 минути и по потреба внимателно исекнете го носот.


Овој метод помага кај вирусни инфекции, поблаги облици на синузитис, алергиски ринитис, како и при сув воздух што ја иритира носната слузокожа. Инхалацијата може да се практикува еднаш до двапати дневно додека траат симптомите.

Иако природната инхалација генерално е безбедна, неопходно е да се почитуваат основните правила:

- Пареата не смее да биде премногу жешка за да се избегнат изгореници.

- Мали деца не треба да се инхалираат без совет од доктор.

- Лица со хронични респираторни болести, како астма или хроничен бронхитис, треба да се консултираат со лекар пред примена на инхалација.

Покрај инхалацијата, се препорачува и внес на топли напитoци, како чај од жалфија, нане или ѓумбир, навлажнување на просторијата и користење физиолошки раствор за испирање на носот. Сите овие мерки можат значително да ја намалат затнатоста и да го забрзаат закрепнувањето.