„Volkswagen“ ја сели иднината во оваа држава, а на Германија ѝ остануваат отпуштања

Точка

27/11/2025

19:33

2.415

Големина на фонт

а а а

Кризата во „Volkswagen“ и германската автомобилска индустрија повеќе не е тема за затворени соби. Таа е видлива, опиплива и сè потешка.

Додека во Волфсбург се најавува укинување на 35.000 работни места до 2030 година, компанијата вложува три милијарди евра во кинескиот Хефеи – првата локација каде „Volkswagen“ развива цели модели без надзор од централата. Преседан што зборува повеќе од кој било официјален извештај.

Хефеи, град со десет милиони жители, е претворен во ново развојно јадро затоа што „Volkswagen“ се соочи со притисок каков што не почувствувал од своето основање. Кина денес продава 13,4 милиони електрични автомобили годишно, додека Европа останува на само 3,9 милиони. Оној што сака да опстане мора да игра по кинески правила, а не по германскиот образец од минатиот век.


„Volkswagen“ го изгуби она што со години го држеше над вода — сигурниот кинески пазар и огромните профити. Истовремено, американските царини ги поткопуваат резултатите, европската побарувачка паѓа, а кинеските производители преземаат иницијатива со брзина што "VW" не може да ја следи. Главниот директор Оливер Блуме делува уморно, а компанијата изгледа како постојано да доцни зад самата себе.

Ниту „Audi“ е исклучок. Пет нови модели за кинескиот пазар во втората половина на 2025 година звучат амбициозно, но повеќе наликуваат на обид да се смири пазарот отколку на вистинска стратегија. Во исто време, групацијата тоне во загуби од над милијарда евра, пред сè поради „Porsche“, чиј трошок за продолжување на животниот век на моторите со внатрешно согорување стана огромен товар.


Денешниот „Volkswagen“ повеќе не личи на лидер на европската индустрија. Личи на компанија што се обидува да пронајде излез додека ѝ се рушат ѕидовите. Хефеи е замислен како нов почеток, но засега изгледа како потег од потреба.