Култниот „BMW Z4“ заминува во историјата со стил: крајот на јануари се отвораат нарачките за ексклузивната верзија со единствени дизајнерски детали, нудејќи им на љубителите последна шанса да го купат овој легендарен модел.
Од стартот на производството на првата генерација во 2002 година, спортскиот модел со отворен покрив „Z4“ ги привлекуваше купувачите со комбинација од дизајн, „чисто“ возачко искуство и динамика – но сега официјално е најавен неговиот крај, проследен со специјална понуда за најверните фанови. Најавен е „BMW Z4 Final Edition“, кој ќе им овозможи на обожавателите во ограничен рок да нарачаат многу специфична верзија што има потенцијал да стане вистински колекционерски примерок.
Последното издание ја претставува кулминацијата на култниот двосед, чија продукција официјално ќе заврши во март 2026 година, а краткиот рок за нарачки започнува кон крајот на јануари.

Црно на црно
Визуелниот идентитет на „BMW Z4 Final Edition“ е нагласен со ексклузивната мат нијанса "Frozen Matt Black", достапна исклучиво за ова финално издание. Бојата особено доаѓа до израз во комбинација со црните лакирани надворешни декоративни елементи, кои се стандардни за сите модели од "Final Edition", иако купувачите можат да изберат и други бои од понудата без дополнителна доплата. Пакетот вклучува и „M Sport“ сопирачки во високо сјајна црвена боја.
Во внатрешноста се издвојуваат препознатливите црвени конци кои ја поврзуваат инструмент-таблата, централната конзола, панелите на вратите и „M Sport“ седиштата изработени во комбинација од "Vernasca" кожа и "Alcantara". Спортскиот карактер уште повеќе го нагласува „M Alcantara“ воланот со контрастни шевови, а специјално гравираните прагови на вратите дополнително ја засилуваат ексклузивноста. Сите овие елементи се резервирани исклучиво за "Final Edition".

Погони и цени
Пакетот "Final Edition" е достапен за различни погонски изведби, почнувајќи од моделот „BMW Z4 sDrive20i“ со 145 kW (197 КС). Понудата го вклучува и посилниот „Z4 sDrive30i“ со 190 kW (258 КС). За купувачите што бараат врвни перформанси, специјалното издание важи и за најмоќниот модел — „BMW Z4 M40i“, придвижуван од реден шестцилиндарски мотор со 250 kW (340 КС).
Пакетот "Final Edition" се нуди по цена од 4.200 евра. Предуслов за овој пакет е „M Sport“ пакетот, кој веќе е стандардно вклучен кај моделите "sDrive30i" и M40i. Кај основниот модел „Z4 sDrive20i“, цената на Final Edition изведбата изнесува 7.400 евра, бидејќи „M Sport“ пакетот не е дел од стандардната опрема и се додава посебно по редовна цена од 3.200 евра.











