Кога наутро ќе влеземе во студен автомобил, на температура околу или под нулата, нема никаква потреба моторот да работи додека возилото мирува. Спротивно на широко прифатеното верување дека моторот треба „малку да се загрее“ пред тргнување во зима, оваа практика денес е целосно погрешна и всушност го скратува работниот век на автомобилот.
Изненадени? Не би требало да бидете … Иако овој ритуал се пренесувал со генерации, стариот возачки постулат за загревање на моторот на паркинг пред возење веќе не важи.
Кога во студено утро ќе седнете зад воланот, нема потреба моторот да работи "на празно". Причината е едноставна: оваа навика може да го отстрани маслото од ѕидовите на цилиндарот, што доведува до поголемо трошење. Покрај тоа, моторот непотребно работи и троши гориво, додека чека работната температура да се зголеми.

Загревањето на паркинг трае подолго отколку загревањето при возење, маслото побрзо се разградува, а деловите се изложени на поголем стрес. Во стоење моторот согорува помалку гориво отколку при возење, се ослободува помалку топлинска енергија, а непотполното согорување доведува до формирање маслен филм што завршува во картерот, пишува „Jutarnji.hr“.
Современите генерации мотори имаат сензори кои детектираат ниски температури и автоматски ја прилагодуваат работата на пумпата за гориво, така што моторот побрзо се загрева барем за неколку степени. Ако веднаш започне возењето, сите делови на моторот се загреваат порамномерно, а работната температура се достигнува побрзо, бидејќи подмачкувањето е ефикасно и оптимално во првите минути од работата.

Но останува прашањето: зошто оваа стара практика за загревање на моторот во место сè уште опстојува? Одговорот е дека не е целосно погрешна – важи само за постари автомобили. За возила стари дваесет или повеќе години, препораката да се остави моторот да работи неколку минути пред возење сè уште има смисла. Кај овие автомобили е добро моторот најпрво тивко да се загрее, а потоа да се вози со пониски брзини и вртежи сè додека не се достигне оптимална работна температура — по што возењето може да продолжи нормално.











