Шкотската модна дизајнерка Пам Хог чиишто креации ги носеле ѕвезди како Кејт Мос, Ријана и Лејди Гага почина.
Веста за нејзината смрт ја потврди нејзиното семејство преку објава на социјалните мрежи. Пам Хог беше креаторка позната по насмевката и препознатливите модни парчиња.
Во објавата на Инстаграм нејзиното семејство соопшти дека таа починала мирно окружена со драги пријатели и семејство.
Иако причината за смртта не е соопштена, семејството изрази благодарност до персоналот во болницата „St Joseph’s Hackney“ за поддршката што и ја пружиле на Пам во текот на нејзините последни денови.


„Креативниот дух и креативноста на Пам ги обележаа животите на луѓето од сите генерации. Таа остава зад себе големо наследство кое и понатаму ќе инспирира, ќе носи радост и ќе нè поттикнува да живееме надвор од границите на обичното. Памела засекогаш ќе живее во нашите срца и мисли“, соопшти семејството.

Бројните соработници со емотивни пораки се простија од Пам: „Беше чест што те познавав. Ќе нѝ недостасуваш“, „Беше силна до самиот крај, нашата кралица воинка“, „Тажна е помислата на модниот свет без нејзината блескава генијалност“.

Се смета дека Хог била во шеесеттите години, но својата точна возраст никогаш не ја открила. Во разговор за „Гардијан“ во 2018 година таа изјавила дека нема намера да ја открие возраста.

Хог е родена во Пејсли, а студирала ликовна уметност на „Glasgow School of Art“, а подоцна и на „Royal College of Art“ во Лондон.

Таа ја претстави својата прва модна колекција во 1981 година, а нејзините модни парчиња ги носеле некои од најголемите ѕвезди – од супермоделите Наоми Кембел и Клаудија Шифер, до пејачки како Џеси Џ., Бјорк, Сукси Су и Грејс Џонс.
Нејзината креација еднаш ја носела принцезата Дајана, додека принцезата Евгенија се појавила во нејзината креација на Аскот во 2013 година.










