Новата документарна серија на „Netflix“ за Шон Диди Комбс излегува на 2 декември, а интернетот веќе експлодираше од коментари – и тоа не толку поради содржината, туку поради продуцентот на истата, раперот 50 Сент.
Многумина велат дека овој потег докажува дека тој е „најпосветениот хејтер на сите времиња“, додека долгогодишното ривалство на двајцата музичари се претвора во стриминг спектакл исполнет со драма и контроверзии.
Серија од четири епизоди
„Netflix“ го потврди датумот на излегување на серијата „Sean Combs: The Reckoning“, документарец во четири дела кој го истражува подемот и падот на Шон Диди Комбс додека се соочува со лавина обвиненија за сексуално злоставување.
Серијата излегува на 2 декември, а уште самото најавување предизвика бура реакции на социјалните мрежи.
Претстојната серија ветува суров и нецензуриран поглед на кариерата на Диди, базиран на судски досиеја, сведоштва на добро информирани извори и интервјуа со жени кои го обвиниле во текот на изминатата година.
„Netflix“ објави и краток тизер, по кој гледачите веднаш сфатија дека ова нема да биде ублажена приказна.
Режисерката Алекс Степлтон ја осмисли серијата како одбројување до конечната пресметка, а сите четири епизоди ќе бидат достапни за гледање одеднаш. Реакциите започнаа веднаш, а корисниците на социјалните мрежи коментираат дека ова би можело да биде „најлудата музичка документарна серија на „Netflix“ досега“, додека некои посочија дека „чекаат со пуканки и молитви“.
Улогата на 50 Сент го запали интернетот
Интернетот се фокусираше и на еден клучен детал – извршен продуцент на серијата е 50 Сент, а самиот тој факт го промени тонот на целата расправа.
Раперот со години јавно го прозива Диди, го исмевa, алудира на темните тајни и оживува стари трачеви од музичката индустрија. Неговите објави станаа вирални, а сагата за нивниот конфликт е нешто што фановите со голем интерес го следат.
Кога „Netflix“ ја потврди неговата улога во проектот, еден корисник напиша дека „никој не мрази како 50 Сент“, додека друг заклучи дека раперот „ја претворил кавгата во деловен план“.

Една вирална објава духовито ја опиша ситуацијата како „генерациска омраза која го достигна својот конечен облик“.
Фановите овој потег го сметаат за врвен шаховски потег, тврдејќи дека 50 Сент со години чекал, набљудувал и на крајот ја презел работата во свои раце за да ја раскаже приказната на свој начин.
Иако некои поставуваат прашања за објективноста на документарецот, признаваат дека самата драма што стои зад него е премногу голема за да се игнорира.












