„Убавицата и ѕверот“: Џеси Џеј во новата песна го прозва поранешното момче Ченинг Тејтум

Точка

26/11/2025

20:42

302

Големина на фонт

а а а

Се чини дека пејачката Џеси Џеј тргна по стапките на Џенифер Лопез и, токму како неа, реши со поранешното момче да се „пресмета“ преку музика.

Откако Лопез на почетокот на годината во песната „Wreckage of You“ го прозва Бен Афлек, Џеси судејќи по сè, му посвети неколку стихови на актерот Ченинг Тејтум, со кој беше во врска од 2018 до 2020 година.

„Убавицата и ѕверот“

Пејачката во петок ќе го објави новиот албум „Don’t Tease Me With A Good Time“, а особено внимание привлече песната „Threw It Away“, нималку суптилна порака до поранешната љубов во која го нарекува – „ѕвер“.

Во песната пее: „Го ставив своето срце на маса, тогаш сè стана непријатно. Но ох, кармата еднаш ќе ти затропа на врата, бидејќи ти ја дадов својата љубов, а ти ја фрли“.


Подоцна додава и јасна метафора: „Не се осмелувај да ја преправаш приказната. Јас сум убавицата, ти си ѕверот“.

„Можете да погодите со кого бев тогаш во врска“

На ексклузивната промоција на албумот во Лондон, Џеси не го спомена директно Ченинг, но на обожавателите не им остави многу простор за сомнеж.

„Оваа песна ја напишав во 2020 година со Рајан Тедер, а вие можете да погодите со кого бев тогаш во врска“, им порача на присутните, низ смеа.


Нивната љубовна приказна

Џеси Џеј и Ченинг Тејтум започнаа врска во 2018 година, веднаш по разводот на актерот од актерката и танчерка Џена Деван. Нивната романса привлече големо внимание во јавноста, но и покрај почетната заљубеност и честите заеднички појавувања, врската веќе во 2019 година доживеа прв прекин.

Двајцата накратко се помирија на почетокот на 2020, но разликите во стиловите на живот, растојанието и посветеноста на Ченинг кон ќерката Еверли доведоа до конечниот крај неколку месеци подоцна.


Борба со рак на дојка

Пејачката овие денови се враќа на работата со полна пареа по летната пауза, за време на која помина операција од рак на дојка. Говорејќи за својата борба со болеста, пејачката истакна колку тоа искуство ја променило.

„Благодарна сум за лекциите и за поврзувањето со толку многу луѓе кои поминуваат низ истото. Тоа ме направи подобра личност, подобар родител“, порача таа.