[ФОТО] Пред две години собираше пари за негово лекување, вчера конечно го прегрна: Миа Костова се сретна со Лео, момчето за кое цела Македонија покажа што значи хуманост

Точка

26/11/2025

14:00

1.753

Големина на фонт

а а а

Речиси две години по хуманитарната акција што ја организираше со цел негово лекување, Миа Костова се сретна во живо со Леонид Индов — младиот човек за кого со срце се бореше кога му беше најтешко.

Во февруари 2024 година, Миа ја покрена иницијативата за собирање средства, откако Леонид, кој тогаш имаше 19 години, се повреди при скок во вода за време на летување во Грција. По несреќата, од болницата во Солун бил пренесен на понатамошно лекување во Австрија — трошок што неговото семејство не можело да го покрие само.


Благодарение на нејзината акција, како и поддршката од бројни општествено одговорни компании и поединци, за помалку од два дена беа собрани 450.000 денари. Само првите пет часа донеле 250 донации од македонски бизниси. Во истиот период за Леонид се организираа концерти, хуманитарни настани и спортски активности со цел да му се помогне.

Вчера во Скопје, Миа и Леонид се сретнаа лице в лице — тој пораснат, но со широката насмевка што говори повеќе од сите зборови, а таа видно возбудена и пресреќна што конечно седи до момчето за кое несебично се бореше. Средбата била исполнета со емоции и искрена благодарност од двете страни.

На Миа ѝ беше врачена статуетка — две раце што држат срце — симбол на човечност, благодарност и сила. На неа стои посветата:


„Лео од срце ви благодари за вашата човечност и хуманост“.

Костова ја сподели нивната фотографија и напиша:

„Една толку емотивна средба, а богами и таква лекција од ова дете, кое еднаш само да го видите, лекциите кои ќе ги научите од него, ќе ви останат засекогаш. Инаку да, ве поздрави сите кои бевте со мене во идејата да му помогнеме кога беше најтешко. И успеваме во тоа!

Сите да ја имаме енергијата на Лео и другари како неговите. Лео Индов, те сакам“.


Со оваа долгоочекувана средба, Миа и Леонид уште еднаш покажаа дека хуманоста не е само гест, туку сила што менува животи и ги поврзува луѓето на најискрен можен начин.