[ВИДЕО] „Среќа е да остариш мирно крај тој што те сака...“: Нова емотивна „бомба“ од Дарио која буди силни чувства

Точка

26/11/2025

18:50

445

Големина на фонт

а а а

Македонскиот поп-изведувач Дарио Панковски го претстави своето најново музичко парче „Ковчег со злато“. Песната го продолжува неговиот препознатлив мелодичен поп-стил, исполнет со емоции и текст што носи длабока животна порака.

Песната, за која музиката и текстот ги потпишува самиот Панковски, а аранжманот е на Кристијан Габроски, обработува една од најуниверзалните теми, потрагата по среќата. Видеото е дело на режисерот Александар Принц.

Песна што потсетува дека златото не е мерка за среќа

Инспирирана од легендата која вели дека на крајот од виножитото се крие златен ковчег, „Ковчег со злато“ отвора едно едноставно, но силно прашање: дали среќата ја бараме далеку, или ја имаме покрај себе.

Со стиховите:

„Секој ја бара својата среќа,
а таа негде скриена чека,
и секој бира своја патека“,

Панковски упатува порака дека животната трка по материјалното често нè одвојува од вистинските вредности. Во рефренот силно одекнува суштината на песната:

„Не е среќа ковчег со злато кој нема ништо да значи,
кога ќе дојдеш на крајот од патот.
Среќа е да остариш мирно крај тој што те сака,
заедно рака за рака, исто 'ко некогаш така“.

Текстот е искрен, интимен и типично „Панковски“, со јасна порака дека најголемото богатство се љубовта, домот и луѓето со кои ги делиме годините.


Стил што останува верен на Дарио

„Ковчег со злато“ стилски се надоврзува на неговиот долгогодишен авторски потпис - емотивни мелодии, едноставност што носи топлина и текстови кои секогаш имаат порака. Тоа е причината зошто Панковски со децении успешно одржува врска со публика од различни генерации.

И овојпат, не нуди само песна за слушање, туку искуство за размислување, носталгија и тивка инспирација.

Автор: Ц.Н.