Саудискиот принц Мохамед бин Салман е во официјална посета на САД, каде што во негова чест, во Вашингтон беше одржан свечен прием.
Домаќини на вечерта беа претседателот и првата дама на САД, Доналд и Меланија Трамп, додека неговата сопруга – очекувано – беше отсутна.

Контроверзниот престолонаследник на Саудиска Арабија е во брак 17 години, а неговата сопруга се појавила во јавноста само неколку пати. Таа живее далеку од јавната сцена, за разлика од нејзиниот сопруг, а постојат сомнежи дека нејзиниот живот во златен кафез е вистински пекол.
Саудискиот принц (40) во минатото се сметал за млад реформатор, а денес го следат обвинувања дека е диктатор, немилосрден кон своите критичари и конкуренцијата, а му се припишуваат и нарачани убиства.
Иако во Саудиска Арабија мажите можат да имаат повеќе од една жена, контроверзниот принц засега има една жена. Тој се оженил со својата блиска братучетка Сара бинт Машун бин Абдулазиз Ал Сауд, жена со „сина крв“.
Нејзиниот дедо е Ибн Сауд, првиот крал на Саудиска Арабија и основач на модерната држава, кој владеел од 1932 година до неговата смрт во 1953 година. Неговото целосно име е Абдулазиз ибн Абдул-Рахман ибн Фаисал ал Сауд. Тој е потомок на династијата Сауд и успеал да ги обедини племињата на Арапскиот Полуостров и да го основа Кралството Саудиска Арабија.

Во саудиското кралско семејство (Ал Сауд) и саудиското општество вообичаена и традиционална практика е принцовите и другите членови на семејството да се женат со свои роднини. Оваа практика, позната како брак во крвно сродство, помага да се зачува богатството и моќта во семејството и поширокото наследство.
Внуката на кралот добила пет деца со саудискиот принц, три сина и две ќерки: принцот Салман, принцот Машур, принцезата Фахда, принцезата Нура и принцот Абдулазиз, кој е роден во 2021 година. Точните датуми на раѓање на нивните наследници не се познати, а постојат сомнежи дека и датумот на свадбата е неточен, односно дека се венчале во 2006 година, иако во официјалната верзија пишува дека ја формализирале врската две години подоцна.

Кога принцот бил во Елисејската палата во Париз во 2018 година, каде што бил пречекан од францускиот претседател Емануел Макрон, еден новинар го прашал дали неговата сопруга ќе се појави. Тој одговорил:
„Имам сопруга и четири деца, и тие многу внимаваат нивниот нормален живот да не биде засегнат од мојата моментална позиција… Сакам моите деца да живеат многу нормален живот, далеку од рефлекторите и политичкиот притисок и внимание… Сакам тие да живеат многу нормално, а и мојата сопруга го сака тоа, и јас го почитувам тоа … поради мојата сопруга“, пренесе„harpersbazaararabia.com“.

Саудиската принцеза студирала и дипломирала во својата земја. Таа е претседателка на Одборот на директори на Илми, научна и технолошка иницијатива.
Но, сепак Сара останува голема мистерија за светската јавност, а откако во 2019 година се појавила веста дека таа е на одмор со сопругот и децата на Црвеното Море, извор близок до парот изјавил дека таа има сличен карактер како нејзиниот сопруг.

Меѓутоа според Али ал-Ахмед од Институтот за заливски прашања, врз основа на тврдењата на анонимни извори од семејството Ал Сауд, принцезата Сара е жртва на семејно насилство од почетокот на нејзиниот брак. За ова во книгата „Саудиски телохранител“ пишувал и Марк Јанг, кој работел за семејството.
Постојат голем број фотографии за кои се тврди дека се од саудиска принцеза, но тоа не е потврдено.
Пред шест години, светските медиуми пишуваа дека принцот бил во врска со актерката Линдзи Лохан, за која испраќал приватни авиони и ѝ давал картички со милиони долари на располагање. Нејзиниот портпарол подоцна изјавил дека холивудската ѕвезда еднаш се сретнала со богат човек.