По најголемата победа во кариерата на полскиот тенисер Камил Мајхржак против Карен Хачанов во натпреварот одигран минатиот четврток, големо внимание предизвика инцидентот што се случи на трибините откако тенисерот го симна качкетот и сакаше да му го подари на едно момче во публиката.
Потоа се случи нешто што никој не можеше ни да го замисли, а камоли да го направи. Човекот што стоел до момчето го зграпчил качкетот и го ставил во чанта.
Момчето беше разочарано, прашувајќи го: „Што правиш?“, додека тенисерот си заминуваше, несвесен за инцидентот.
Видеото од овој настан набрзо се појави на социјалните мрежи и не беше тешко да се открие кој е крадецот. За уште поголемо изненадување, се дозна дека станува збор за човек кој има милиони на својата банкарска сметка, но не се двоумел да украде качкет од дете.
Имено се покажа дека качкетот на момчето го украл Пјотр Шчерек, полски милионер познат како спонзор на локалната тениска асоцијација. Шчерек е извршен директор на успешна компанија за поплочување Дрогбрук и голем обожавател на тенисот.
Шчерек подоцна се извини велејќи: „Ја преземам целосната одговорност за мојата исклучително лоша проценка на ситуацијата што го повреди момчето. Никогаш не би одзел подарок од млад навивач, едноставно не ја проценив добро ситуацијата бидејќи бев возбуден по победата на нашиот тенисер. Мислев дека качкетот е подарок за моите синови кои побараа негов автограм“, и додаде дека му се извинил на момчето и неговото семејство и му го испратил качкетот. „Се надевам дека барем ја поправив штетата што му ја предизвикав“, истакна тој.
Инаку откако беше откриено дека украл качкет кој бил наменет за дете поради притисок на јавноста, Шчерек ги деактивирал своите профили на социјалните мрежи. Сепак, интернетот е сè уште полн со пораки упатени до него.
„Краде од дете, а лежи на милиони“ гласи еден од нив.
Претходно Мајхржак ги замоли обожавателите да му помогнат во пронаоѓањето на разочараното момче, и на крајот успеа во тоа. Го пронајде момчето по име Брок и му даде нов качкет.