За прв пат откако на почетокот на август пристигна во ПСЖ, украинскиот фудбалер Илија Забарњи се огласи за својот однос со рускиот голман и соиграч Матвеј Сафонов во емисијата „Football 360“. Новиот стопер на ПСЖ зборувал во украинската емисија која се емитува на „YouTube“ за соживотот со поранешниот голман на Краснодар.
„Во мојата земја веќе четири години трае голема војна. Русите се агресори кои безуспешно се обидуваат да ја уништат слободата и независноста на Украина. Војната продолжува и јас немам никакви односи со Русите“, изјави украинскиот репрезентативец (47 настапи), кој во Париз пристигна од Бурнемаут за 63 милиони евра.
Строго професионално
„Што се однесува до мојот соиграч, на тренинзите морам да функционирам со него на професионално ниво и ќе ги исполнувам моите обврски кон клубот“, додаде стоперот мислејќи на Сафонов. ,
„Додека војната трае, целосно ја поддржувам целосната исклученост на рускиот фудбал од светот.“
Да потсетиме, откако во февруари 2022 започна инвазијата врз Украина, на руските клубови и репрезентации им е забрането учество во натпреварувања организирани од „FIFA“ и „UEFA“.