Миовски сака што побрзо да ја заборави лошата етапа во Џирона: Сега сум во голем и историски клуб

Дерби

02/09/2025

13:22

238

Големина на фонт

а а а

Бојан Миовски дебитираше за Ренџерс на големото „Олд Фирм“ дерби кое се одигра изминатиот викенд и беше стартер еден ден по реализираниот трансфер од Џирона, а сега во изјава за официјалната страна на ФФМ се обиде накратко да објасни како минале завршните неколку дена од лентиот преоден рок.

Македонскиот напаѓач нема по добро да ја памети годината која ја мина во шпанска Џирона и сега се надева на нов возбудлив почеток во Шкотска, земја која му е и тоа како познато поради двете извонредни сезони кои ги имаше во дресот на Абердин.

– Кога дојде понудата од Ренџерс не се двоумев, тренерот ми даде дополнителна поддршка и среќен сум поради тоа. Дебитирав против Селтик, прв пат почувствував таква атмосфера, знаеме какво е ривалството меѓу двете екипи.

– Во Џирона не беше се идеално, имавме лоша сезона, колективно и индивидуално. Едноставно бев во погрешно време таму и морав да донесам одлука за мојата иднина. Се вратив во шкотската лига кадешто претходно настапував во Абердин, но сега во многу поголем и историски клуб, – изјави Миовски, пред кого сега се нови предизвици во репрезентацијата.

Македонија ќе одигра тест натпревар со Саудиска Арабија на 4-ти септември, а потоа три дена подоцна го пречекуваме Лихтенштајн на домашен терен во квалификациски меч за Светското првенство.

– Имаме позитивна форма во репрезентацијата, се надевам дека ќе го продолжиме тој добар ритам и на натпреварите кои ни следуваат. Треба добро да се подготвиме за Саудиска Арабија која е многу сериозна репрезентација, а потоа максимално да се фокусираме на Лихтенштајн. Денеска нема слаби селекции и однапред добиени натпревари, – порача Миовски.