Во свет каде што браковите честопати се соочуваат со предизвици, Норвежаните пронашле формула што им помага да одржуваат хармонија, почит и блискост со децении.
Нивниот начин на живот, културните вредности и секојдневните навики се разликуваат од нашите, и токму овие разлики го кријат одговорот на прашањето како успеваат да имаат долготрајни и хармонични бракови.
Во Норвешка е речиси правило сопружниците да ги делат сите трошоци – од кирија или рати за кредит, до сметки и трошоци за одмор. Жените и мажите имаат приближно исти плати, а двајцата партнери чувствуваат еднаква одговорност за семејниот буџет. За разлика од нашиот регион, каде што од мажот често се очекува да биде „глава на семејството“ и главна финансиска поддршка, Норвежаните веруваат дека заедничките инвестиции го зајакнуваат чувството на еднаквост и меѓусебно почитување.
Норвежаните не проверуваат пораки, повици ниту го „следат“ својот партнер каде и да оди. Во нивната култура, приватноста е света, дури и во бракот. Отсуството на контрола не значи незаинтересираност, туку длабока доверба дека партнерот секогаш ќе се однесува кон врската со почит. Во нашата земја, ова ниво на слобода е често незамисливо, бидејќи многумина веруваат дека љубовта подразбира постојано проверување.
Во норвешките домаќинства нема „женски“ и „машки“ работи. Мажите готват, перат, пеглаат, а жените менуваат сијалици и поправаат помали дефекти – сè по потреба. Идејата е едноставна: оној што има време и можност ќе го направи она што треба да се направи. Овој пристап спречува расправии за тоа „кој направил повеќе“ и создава чувство на заедница.
Норвежаните не чекаат годишнина или роденден за да го изненадат својот партнер. Мал знак на внимание, како шолја кафе во кревет или рачно напишано писмо, им значи повеќе од скап подарок.
Норвежаните ретко се расправаат пред други. Несогласувањата се решаваат мирно, преку разговор, без покачени тонови и емотивни сцени. Нивниот принцип е проблемите да се решаваат дома, без вклучување на роднини, пријатели или соседи, додека кај нас честопати се случува спротивното односно, „половина од семејството“ се вклучува во кавгите.
Иако поминуваат квалитетно време заедно, Норвежаните не се чувствуваат обврзани да прават сè како пар. Секој има свои хобија, пријатели и активности што ги негува независно од својот партнер. Тие веруваат дека индивидуалното исполнување придонесува за поквалитетен заеднички живот. Кај нас, за жал сè уште е вообичаена идејата дека партнерите мора да бидат постојано заедно за да покажат блискост.
Татковците во Норвешка активно учествуваат во воспитувањето на децата – од менување пелени, до готвење, па сè до нивно носење во градинка и училиште. Законот им дозволува и задолжително отсуство по раѓањето на детето, така што тие се вклучени во грижата од самиот почеток. Во нашата култура, сè уште е вообичаено повеќето од овие одговорности да паднат на мајката.