[ВИДЕО] Воспитната метода на еден татко предизвика бура на социјалните мрежи: И‘ наплаќа кирија на ќерка му (6)

Точка

06/08/2025

16:49

737

Големина на фонт

а а а

Мајкл Маден од Тексас, привлече внимание откако на ТикТок сподели како на својата 6-годишна ќерка Роуз ѝ наплаќа кирија за соба.

Тој вели дека тоа е начин да ѝ помогне да развие добар карактер и финансиска писменост уште од мали нозе.

„Финансиската писменост е особено важна. Учењето како да управува со пари на 6-годишна возраст значи дека нема да има проблем со нив кога ќе има 26 години. Таа учи дека парите се заработуваат, а не се даваат“, изјави Маден за „TODAY.com“.

Шестгодишно дете плаќа кирија на својот татко

Во своето видео, Маден покажува како ја „собира“ киријата: 3 долари (2,59 евра) за соба и 1 долар (0,86 евра) за сметки. Парите од киријата одат во буџетот, а Роуз може да ги заработи со извршување домашни работи и одржување лична хигиена. За неделен џепарлак од 5 долари (4,31 евра), Роуз мора да освои 25 поени, кои ги собира преку задачи како што се перење алишта, миење заби и средување кревет.


„Не станува збор само за плаќање кирија, туку за учење и одговорност“, објасни Маден. Овој татко верува дека неговата ќерка учи важни животни лекции што тој не ги научил на време. „Ова се грешки што јас самиот ги направив порано во животот – посакувам да ги знаев овие работи пред десет години, кога го купував мојот прв автомобил и изнајмував стан“, додаде Маден.

Реакциите на ТикТок се поделени. Додека некои се залагаат за рано учење за парите како клучна лекција за иднината, други предупредуваат дека таков пристап може да ја намали безгрижната природа на детството и дека парите не треба да играат преголема улога во животот на најмладите.


Од друга страна Маден рече дека овој метод ја мотивирал Роуз да се вклучи во домашните работи. Откако ќе плати кирија и сметки, таа може да ги зачува преостанатите пари за „црни денови“ или да ги потроши на играчка.

„Ако сака нешто поскапо, разговараме за тоа колку пари има и како може да заштеди“, истакна Маден.

Кога децата треба да учат за парите?

Д-р Дебора Гилбоа верува дека вистинското време да се започне со финансиска писменост е во прво одделение, бидејќи тогаш училишните наставни програми обично ја воведуваат темата за парите.


Гилбоа истакна дека домашните работи и управувањето со џепарлак се одлични можности за учење од различни причини. „Децата треба да учествуваат во домашните работи затоа што се дел од семејството. Не сакаме да мислат дека чистењето не е важно само затоа што не се платени за тоа – сакаме да придонесат, без оглед на мотивацијата“, рече докторката.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk