Српската блогерка за патувања Јана оваа година решила да ја посети Албанија. Како што објасни, ова е нејзина прва посета на земјата, а престојувала во Саранда.
„Ја избрав Саранда и не згрешив“, рече таа, пофалувајќи го градот. „Ако сакате да го откриете скриениот бисер на Албанија, Саранда е место што мора да го посетите. Овој град, сместен на југот на Албанија, на брегот на Јонското Море и недалеку од Грција, нуди сè што ви е потребно за совршен одмор, од кристално чисто море и археолошки локалитети до прекрасни плажи и ноќен живот“, напиша Јана.
Што можете да купите за 10 евра во Саранда?
Јана се придружи на популарниот тренд на блогерите за патувања и истражи што сè може да се купи во Саранда за 10 евра, а следбениците се пријатно изненадени од нејзиното видео.
Имено, за 10 евра, Јана успеала да купи гиро (2,50 евра), топка сладолед (1 евро), кафе на плажа (1,20 евра), големо шише вода (0,50 евра), лименка газиран пијалак (0,90 евра), чоколадо (1,10 евра), магнет (2 евра) и лименка пиво (1,30 евра). Лежалките, како што рече, биле бесплатни. Вкупно ова е неколку центи повеќе од 10 евра, но сепак за 10 евра може да се купат многу работи во споредба со други земји.
„Идеални цени“, „Бев во Албанија минатата година и навистина ме воодушеви“, „Една од најповолните дестинации што сум ги посетила досега“, „Изгледа супер прифатливо“, „Цените се одлични“, беа дел од коментарите под видеото што го објави на Инстаграм.
„Conde Nast“ ја вброи Албанија меѓу најприфатливите дестинации во 2024 година
Минатата година, туристичкото списание „Conde Nast Traveler“ ги издвои земјите што вреди да се посетат, а не се меѓу најскапите. Наведе 21 земја, вклучувајќи ја и Македонија, но и Србија и Унгарија и секако Албанија.
„Албанија е многу поевтина од другите европски земји и е малку под радарот како туристичка дестинација, што значи дека сè уште има можност да ја посетите пред да стане попопуларна и да настанат гужви“, велат тие.