Филмската адаптација на популарната видеоигра "Minecraft" постигна неверојатен успех на кино-благајните, заработувајќи над 300 милиони долари ширум светот само за време на викендот на отворање.
Со тоа, "Minecraft" филмот влезе во историјата како најуспешната филмска адаптација на видеоигра по заработка во првиот викенд, надминувајќи го и хитот "Super Mario Bros", од 2023 година, кој во истиот период инкасираше 204 милиони долари.
И покрај бројните доцнења, филмот конечно пристигна во кината минатиот петок, а публиката масовно дојде да го гледа, поставувајќи нов рекорд за најголема премиера во 2025 година, како и најгледан наслов на "Warner Bros" од 2023 година наваму.
Мислењата се поделени
Иако публиката е воодушевена, критичарите се далеку од едногласни – филмот моментално има само 47% на "Rotten Tomatoes". Според "BBC", британскиот "Telegraph" му дал две ѕвезди, а "Guardian" уште помалку – само една, велејќи дека филмот „изгледа како да е сниман во последен момент“.
Но, тоа не ги спречи семејствата и децата да го наполнат киносалите. Според "EntTelligence", четвртина од гледачите биле под 13 години, а повеќе од половина – мажи.
Ѕвездена актерска постава
Филмот е во режија на Џеред Хес, а во главните улоги настапуваат Џејсон Момоа, Џек Блек, Ема Мајерс, Даниел Брукс, Себастијан Хансен и Џенифер Кулиџ.
Четворица аутсајдери во магичен свет
Приказната ги следи четворицата аутсајдери – Герет „The Garbage Man“ Герисон, Хенри, Натали и Даун, кои се соочуваат со секојдневни предизвици, сè додека мистериозен портал не ги внесе во "Overworld" – чуден, коцкаст свет создаден од фантазија. За да се вратат дома, ќе мора да совладаат нови вештини, да се борат со непријатели како "Piglin" и "Zombie" и да добијат помош од маестралниот градител Стив.
Нивното патување ќе ги натера да најдат храброст, креативност и уникатност, особини кои ќе им бидат клучни не само таму, туку и во реалниот свет.
Судејќи по резултатите од првиот викенд, "Minecraft" филмот е на добар пат да стане еден од најголемите блокбастери оваа година, без разлика на бројот на ѕвезди во рецензиите.