Повеќето од нас се убедени дека различните и постојани активности се клучни за развојот на децата, сметајќи дека тие мора постојано да бидат занимавани за да напредуваат. Иако е точно дека активностите придонесуваат за нивниот раст и развој, важно е да се препознае дека досадата е исто така корисна и за децата.
Едукаторот за развој и детски психолог, Џејми Блох, откри три начини на кои досадата всушност им помага на децата да развијат издржливост и самодоверба.
Ја гради креативноста: Досадата е емоција која поттикнува креативност и необично размислување. „Неструктурираното време за играње ги принудува децата да работат на својата имагинација и креативност преку сопствена независна акција, што исто така гради самодоверба“, вели психологот во објава на Инстаграм.
Придонесува за развој на издржливост: „Почетните чувства на досада кај децата може да бидат вознемирувачки и тешко да се прифатат. Тоа бара од децата да учат како да ги регулираат своите емоции и фрустрации кога работите не се по нивна желба. Досадата во овој случај е совршена прилика за децата да научат како да ги пребродат тешките и фрустрирачкте моменти“, објаснува Блох.
Ги активира извршните функции на нашиот мозок: Кога ни е досадно, потребно ни е размислување, планирање и организација за да ги претвориме здодевните моменти во игра и забава. „Ова бара од децата да научат како да ги решаваат проблемите и да пронајдат решенија во тие моменти, што е идеално време да се изградат мозочни мрежи во делот од мозокот одговорен за извршните функции“, вели Блох.
Психологот тврди дека сè повеќе научни докази сугерираат дека на децата им е потребна досада за да функционираат на нивните највисоки нивоа: да развијат креативност, да ја разбудат сопствената љубопитност за животот и да развијат храброст и да изградат снаодливост.
„Размислете: иновативноста, оригиналноста, саморегулацијата и способноста да размислуваме критички - сето тоа произлегува од нашата способност да седиме со себе и да сонуваме за можностите. Досадата за мозокот е како сонот за телото: сложена, обновувачка состојба во која се синтетизираат информациите“, појаснува таа.
Тоа значи дека досадата е добра за децата и за нивниот развој на мозокот
„Следниот пат кога вашите деца ќе кажат дека им е здодевно, не кажувајте ништо! Нека им е досадно. Сочувствувајте со нив, но кажете им колку е добро за нивната креативност и упатете ги да седнат, размислуваат, застанат, дишат, и да смислат нешто со што ќе се занимаваат“, заклучи Блох.