Марија дел Росарио Кајетана Фиц-Џејмс Стјуарт де Силва или едноставно војвотката од Алба, била ексцентрик. Но, и покрај необичниот изглед – сите ја сакале.
Марија дел Росарио Кајетана Фиц-Џејмс Стјуарт де Силва била единствената ќерка на 17-от војвода од Алба, Јакоб Фиц-Џејмс Стјуарт. Нејзиниот татко имал 42 години кога се оженил со тогаш 20-годишната маркиза од Сан Винсенте, Марија дел Росарио. По 6 години брак, таа ја родила Кајетана во 1926 година, а војводата сонувал за машки наследник. Меѓутоа, маркизата се разболела од туберкулоза, од која починала во 1934 година. За да ја заштити ќерка ѝ, маркизата Марија не дозволувала Кајетана да ѝ се приближува, па детето речиси и не ја запамтило својата мајка.
Ви претставуваме 10 интересни факти за војвотката од Алба:
1. Според Гинисовата книга на рекорди, таа го држела светскиот рекорд за најмногу аристократски титули, вкупно 49. Седум пати била војвотка, 19 пати грофица и 23 пати маркиза.
2. Таа била потомок на кралот Јаков Втори и далечна роднина на сегашниот британски монарх, Елизабета Втора и Винстон Черчил.
3. Била пријателка со многу славни личности и членови на кралското семејство. Била позната по тоа што ги угостила Одри Хепберн и Џеки Кенеди за време на нивните посети на Шпанија и по тоа што му ја дала својата мадридска палата на Ив Сен Лорен за да одржи ревија на Диор во 1959 година.
4. Војвотката од Алба поседувала неверојатна колекција на уметнички дела и артефакти, вклучувајќи слики од Гоја и Веласкез, првото издание на Дон Кихот и првата карта од Америка на Колумбо.
5. Првиот брак на војвотката со поморскиот офицер Луис Мартинез де Ирујо, „Њујорк Тајмс“ го опишал како „најразработениот социјален настан во Шпанија од крајот на монархијата“. Таа носела дијамантска тијара која некогаш ѝ припаѓала на сопругата на Наполеон Трети, додека нејзината венчаница била многу слична на онаа која ја носеше војвотката од Кембриџ во 2011 година.
6. Војвотката од Алба била една од најбогатите аристократи во Европа, а „Форбс“ го проценил нејзиното богатство на 2,8 милијарди евра.
7. Некогаш позната по својата убавина, се прочуло дека ја одбила можноста да му биде муза на Пикасо.
8. Иако се мажела три пати, нејзиниот последен брак бил вистинска сензација кога се омажила за Алфонсо Диез Карабантес, државен службеник кој бил 25 години помлад од неа.
9. Се обидела да ја сочува својата младост со бројни пластични операции кои сосема го уништиле нејзиното лице.
10. Се облекувала крајно ексцентрично (интензивни бои, мрежести чорапи, јака шминка).
И била подготвена да се откаже од своето големо богатство за да биде среќна!