На црвениот тепих на Канскиот фестивал се пишувала историјата на кинематографијата и модата. По Кроазета шетале филмски диви, супермодели, музички ѕвезди и дами кои буквално носеле круна на главите. Принцезата Дијана, вечна инспирација и стилска икона, само еднаш присуствувала на престижното шоу на Азурниот брег и оставила толку силен впечаток, што за неа се зборува и денес, речиси четири децении подоцна.
Тоа било во 1987 година, во текот на 40-тото издание на фестивалот. Леди Дијана и принцот Чарлс поминале вкупно 10 часа во Кан, а секоја минута била внимателно испланирана. Тие се сретнале со бројни познати имиња, ја промовирале британската филмска индустрија, присуствувале на премиерата на филмот „Августовски китови“, се појавиле на свечената вечера. Секако, тие прошетале и по црвениот тепих. Вртоглаво, но ефектно.
Принцезата Дијана немала проблем да ги засени најбараните актерки од таа ера. Во ова ѝ помогнала и една од нејзините омилени модни дизајнерки, Кетрин Вокер, чии модели сега со задоволство ги носи дамата која ја наследи титулата принцеза од Велс, Кејт Мидлтон. Спектакуларниот фустан од тил, кој влезе во сите модни енциклопедии, всушност беше почит кон друга принцеза, филмската дива Грејс Кели, односно креација на Идит Хед, која ја носела во филмот „To catch a thief“ (Фатете го крадецот) во 1955 година.
Најголемиот дел од љубовниот трилер на Хичкок е снимен на Азурниот брег. Истата година, додека престојувала во Кан како почесна гостинка на фестивалот, убавата актерка Грејс Кели го запознала својот иден сопруг, принцот Рение од Монако.
Фустанот на принцезата Дијана бил малку посветол, во леденосина нијанса и без прерамки. Грејс го носела шалот преку рамената, додека леди Дијана го завиткала својот околу вратот и го пуштила да паѓа по грбот. Шалот елегантно по неа се веел на ветрот додека таа одела по црвениот тепих. Принцезата Дијана го комплетирала стајлингот со рамни, бебешко сини чевли, дијамантски обетки со голем аквамарин коишто често ги носела и со белегзија.
Со романтичниот син фустан, во кој многумина потсети на Пепелашка, леди Дијана го потврди својот статус на принцеза и икона на стилот.