Украинската тенисерка Елина Свитолина објави на Инстаграм дека завршува нејзиниот брак со францускиот тенисер Гаел Монфис. Во опширната објава таа зборуваше за внатрешните борби, последиците од војната во нејзината татковина и потребата повторно да се пронајде себеси.
Свитолина и Монфис се запознале во Париз во 2018 година, се венчаа во 2021 година, а една година подоцна ја добија ќерката Скај.
„Ова е најтешкото нешто што некогаш сум морала да го споделам. Сите знаат колку ми значи Украина. Она за што ретко сум зборувала е што направи војната во мене“, напиша Свитолина.
„Гаел никогаш не ја пушти мојата рака“
Таа потсети дека минатата година направила пауза од тенисот бидејќи емоционално не се чувствувала добро.
„Она што не го видовте беа непроспиените ноќи, сомнежите и чувството дека полека се губам себеси. Гаел го гледаше сето тоа. Никогаш не ја пушти мојата рака. Долго време се боревме заедно, со сите сили“, наведе таа.
Сепак, како што објасни, со текот на времето сфатила дека одредени борби мора да ги помине сама.
„Некои битки се одвиваат длабоко во вас и никаква љубов од друга личност не може да ги добие наместо вас. Сфатив дека морам повторно да го најдам патот до себе и дека тоа не можам да го направам во рамките на нашиот брак. Тоа е најтешката вистина со која морав да се соочам“, порача таа.

Ќерката на прво место
Свитолина истакна дека Монфис ја сослушал нејзината одлука и го прифатил она што ѝ е потребно.
„Гаел ме сакаше во моите најголеми радости и во најмрачните моменти, а јас го сакав со целото мое срце. Заедно изградивме убав живот и го добивме најскапоцениот дар, нашата ќерка Скај. Таа секогаш ќе биде на прво место. Нашиот брак завршува, но нашето семејство не“, напиша таа.

Објавата ја заврши со молба за разбирање.
„Тука нема виновник. Постојат само двајца луѓе кои длабоко се сакале и приказна што го менува својот облик. Ве молиме за разбирање и за просторот што ни е потребен за да закрепнеме“, заклучи Свитолина.















