„Мојата цел е еден ден ова да биде пансион, а дотогаш живеам сама во овој огромен простор каде што отидоа целата моја душа и сите мои пари“.
Витни Андерсон (45) направи нешто што малкумина се осмелуваат да го направат - купи напуштена црква стара 128 години во Мичиген и реши да ја претвори во свој дом. За овој необичен имот во јуни 2024 година, таа издвоила околу 40.000 евра, во готово, но тоа беше само почеток на една голема авантура. Досега, во реновирањето се инвестирани околу 173.000 евра, а се надева дека главниот дел од работата ќе биде завршен до крајот на 2028 година.
Иако за повеќето луѓе купувањето дом е најголемата финансиска обврска во нивниот живот, Витни успеала да избегне она од што многумина најмногу се плашат - кредити, хипотеки и долгови. Таа потрошила приближно 173.000 од своите заштеди од околу 223.000 евра, оставајќи ѝ околу 50.000 евра. Сепак, сè уште има работа пред неа, бидејќи претворањето на вековна црква во функционален дом бара многу повеќе од едноставно реновирање.
„Ги направив сите работи што не треба да се прават при купување куќа, но ова не е обична куќа. Ова е црква што станала куќа“, вели Витни, свесна дека се впуштила во проект кој е далеку од обичен.

Таа самата уривала ѕидови, отстранувала подови и ги надгледувала мајсторите.
Таа го започнала реновирањето во јуни 2024 година, а нејзиното искуство со стари и напуштени згради ѝ помогна да се справи со тешките работи. Не чекала мајсторите да ја завршат секоја работа. Таа самата ги срушила старите и оштетени ѕидови, отстранила врати, ги извадила истрошените теписи и паркетот, а потоа почнала да бојадисува и малтерисува.

За време на работите, таа практично кампувала во црквата. Ова не само што ѝ овозможило да биде присутна додека просторот се трансформира, туку и внимателно да го следи секој чекор од реновирањето и да контролира што се прави.
За греење користела печка на пелети, додека месечните сметки за струја, собирање ѓубре и вода изнесувале околу 230 евра. Иако успеала да избегне задолжување, трошоците за одржување и завршна обработка покажуваат дека живеењето во необичен дом бара сериозен буџет.

За време на реновирањето, Витни го снимала и објавувала својот напредок на социјалните мрежи. Нејзините објави привлекоа големо внимание, а приказната за жената која одлучи да претвори напуштена црква во дом стана вирална.
Популарноста на интернет ѝ донесе поддршка од спонзори, кои ѝ помогнаа да декорира одредени делови од просторот. Меѓу нив се кујната и импресивната библиотека, која стана еден од највпечатливите детали на овој извонреден дом.

„Да не беа социјалните мрежи, немаше шанси да го направам тоа сама“, признава Витни. Иако досега инвестирала речиси четири и пол пати повеќе пари во реновирањето отколку што платила за самата црква, сепак има неколку години работа пред себе. Нејзината цел е да го заврши главниот дел од проектот до крајот на 2028 година и целосно да ја адаптира старата зграда во живот.











