Кристијано Роналдо и натаму е главна тема во португалската репрезентација!
Иако Португалија без својот капитен ги совлада Данска и Норвешка и обезбеди пласман во четвртфиналето на Лигата на нации, прашањето за враќањето на најголемата ѕвезда повторно беше во центарот на вниманието.
Роналдо го напушти репрезентативниот камп откако остана на клупата против Норвешка, а потоа дозна дека не е планиран ниту како стартер против Данска. По сè, порача дека „вистината“ за своето заминување ќе ја соопшти кога ќе дојде време за тоа.
Сега, по победата над Норвешка, селекторот на Португалија, Жорж Жезус, повторно мораше да одговара на прашањата за CR7. И овојпат не остави многу простор за дилема – вратите на репрезентацијата за Роналдо остануваат ширум отворени.
„Не знам што ќе одлучи Кристијано. Тоа што имав да го кажам веќе го кажав, но ќе додадам уште нешто. За мене, ова уште од почетокот никогаш не беше проблем“, изјави Жезус.

А потоа пристигна клучната порака:
„Ако игра за Ал Наср, ќе го повикам Кристијано за следниот собир. Тој е играч на кој можеме да сметаме, доколку сака да се врати во репрезентацијата.“
Значи, одлуката сега е на Роналдо.
Жезус особено нагласи дека, од негова перспектива, целата приказна околу неколкукратниот освојувач на Златната топка се претворила во многу поголема работа отколку што всушност била.
„Според мене, не може да се очекува пријателството да биде пресудно во ситуација која не може да се разбере. Само затоа што станува збор за него, а можеби и со право бидејќи е симбол на државата и репрезентацијата, се направи цел проблем околу тоа што влезе да се загрева, а не влезе во игра.“
Португалците во меѓувреме продолжија без него. Против Данска славеа со 4:2, а потоа во драматичен натпревар ја совладаа Норвешка со 2:1 и така обезбедија место меѓу најдобрите осум во Лигата на нации.

Сепак, Жезус не сака репрезентативната приказна на Роналдо да заврши на ваков начин.
„Кристијано нема да ја заврши репрезентативната кариера, освен ако самиот не го сака тоа“, порача селекторот.
А потоа објасни и зошто му било важно Роналдо да биде дел од репрезентацијата:
„Требаше да ја заврши репрезентативната кариера на поинаков начин. Затоа играше на првиот натпревар, а требаше да игра и денес овде. Но, по сè што се случи, сè беше поинаку.“
Меѓутоа, Жезус не отстапи од својот принцип дека тој е оној кој одлучува кој ќе игра, а кој ќе седи на клупата.

„Јас сум селектор, повикувам кого сакам. Не прашувам никого кого сака да повикам, ниту прашувам некого кој ќе игра.“
Токму тука настанал најголемиот проблем. Роналдо против Норвешка остана на клупата иако се загреваше, а Жезус претходно објасни дека планот бил Португалецот можеби да добие одредена минутажа. Кога тоа не се случи, ситуацијата ескалирала.
Сепак, ако некој очекуваше дека Жезус сега ќе му се извини на Роналдо – се излажа.
Селекторот беше категоричен:
„Не се извинувам никому.“
А на прашањето зошто би се извинил, возврати:
„Но, за што да се извинам? Кому? Тоа е глупост. За што да се извинам?“

Жезус потоа уште еднаш истакна колку Роналдо значи за Португалија, но и за него лично, бидејќи со него работеше и во Ал Наср.
„Тој е светски пример. Затоа по натпреварот реков дека Кристијано нема да се врати во репрезентацијата само ако тој не го сака тоа.“
И тука можеби се крие најважната порака од целата приказна:
„Тој ќе одлучи. Така разговаравме. На првиот собир му реков: Потребен си ми. Играл или не играл, потребен си ми. И сега е исто.“

Роналдо со 146 гола е најдобар стрелец во историјата на португалската репрезентација, а со 234 настапи го држи и рекордот по бројот на натпревари за националниот тим.
Сега останува само едно прашање – дали ќе се врати?
Жезус јасно го изнесе својот став. Португалија ја остави вратата отворена, а селекторот тврди дека Роналдо ќе биде повикан доколку игра за Ал Наср и посака да се врати.
Топката сега е во дворот на Роналдо. А по неговата порака дека ќе ја открие „вистината“ кога ќе дојде време за тоа, јасно е дека оваа приказна нема така лесно да заврши.















