Маурисио Покетино смета дека на Челси треба да му биде одземена премиерлигашката титула за сезоната 2016/17 и истата да му биде доделена на неговиот тогашен клуб Тотенхем.
Лондонските „сини“ ја освоија таа титула под водство на Антонио Конте и предводени од тогаш фантастичниот Еден Азар, но неодамна доби казна од Премиер лигата поради неправилности во работењето во тој период и исплаќање на провизии на агенти и посредници.
Аргентинскиот стручњак вели дека првопласираната екипа била квалитетна, но имала и одредени привилегии кои се докажани со казната изречена неодамна.
– Требаше да освоиме една Премиер лига, требаше да ни биде доделена таа за сезоната 2016/17. Тие беа казнети, го признаа тоа? Значи, тоа е тоа. Титулата треба да му припадне на тимот што беше втор.
– Можеме да кажеме дека постигнуваа голови, победуваа на натпреварите и тоа е во ред. Но, фер е да се каже дека и пред почетокот на сезоната не сме располагале со истите услови. Можеби со нивните правила, можевме да потпишеме некои играчи што ќе го направеа тимот подобар или ќе постигнаа повеќе голови.
– Не се плашам да ја кажам вистината и знам дека навивачите на Челзи ќе ми бидат лути. Но, ако бевме во Тотенхем и ги прекршивме правилата, би го признал истото: „Не ја заслужуваме титулата затоа што ги прекршивме правилата. Тоа е исто како некои клубови да играат со офсајд, а други без офсајд. Или еден игра со ВАР, а за друг не важи ВАР. За сите треба да бидат исти правила. И тогаш имате капацитет да го создадете најдобриот тим.
– Не велам дека Челзи не играл добро, дека Конте не бил одличен. Не го велам тоа. Не сакам пораката да биде извртена. Но, ако сте ги прекршиле правилата, тогаш чао – треба да му го дадете трофејот на друг тим. Не знам зошто тоа не се случи, она што се промовира и стимулира е кршење на правилата. Ако не казнувате на начинот на кој треба да казнувате, јас велам: „Да… ја изгубив работата во Тотенхем затоа што не освоивме титула, – рекол Покетино.











