Организаторите на „Вуелта а Еспања“ сакале една од најголемите велосипедски трки да ѝ ја приближат на помладата публика, но нивниот маркетиншки потег многу брзо се претвори во контроверзија.
Трката ја ангажирала 28-годишната инфлуенсерка Ерола Џонс, која на Инстаграм и ТикТок ја следат повеќе од шест милиони луѓе. Нејзината задача била да креира содржина директно од трката и да ѝ понуди на публиката малку поинаков поглед на еден од најважните настани во светот на велосипедизмот.
Меѓутоа, проблемот настанал кога Џонс на „Вуелта“ го применила форматот по кој стана позната на социјалните мрежи – пристапување кон непознати мажи, флертување и снимање на нивните реакции.
Најголемо внимание привлече нејзината средба со Тадеј Погачар по првата етапа. Џонс му пристапила на просторот зад победничкиот подиум, каде што Погачар се подготвувал за церемонијата на прогласување, и се обидела да му поставува прашања. Словенецот притоа го нарекла „Погачитар“.
Следувало и прилично необично прашање.
„Зошто хипервентилираш секогаш кога ќе ме видиш?“, го прашала Погачар.
„Што? Што е тоа?“, збунето одговорил Словенецот.
Откако му објаснила дека мисли на неговото забрзано дишење, Погачар накратко ѝ одговорил:
„Дишам 24 часа дневно“.
Член на организацискиот тим потоа го одвел Погачар понатаму. Погачар не бил единствениот кому Џонс му пристапила на таков начин.
На масерот на екипата Инеос Гренадиерс му дофрлила:
„Дојде ли овде да победиш или да ме деконцентрираш? Зашто си пресладок“.
Се обидела да дојде и до Џош Тарлинг, но ниту таа средба не поминала без контроверзија.
„Мислам дека не сака интервјуа, особено не моите, но имам уште 20 етапи да го освојам. Не грижете се, брзо ќе се справам со него“, порача таа.
Овој коментар предизвика дополнителни реакции, особено поради фактот што Тарлинг на „Вуелта“ се натпреварува само неколку дена по смртта на својот 19-годишен брат.
Содржината на инфлуенсерката многу брзо предизвика бурни реакции во Шпанија, но и меѓу љубителите на велосипедизмот. Џонс по првата етапа порача дека „го срушиле интернетот“, но челниците на „Вуелта“ одлучија да реагираат.
Според пишувањата на шпанските медиуми, на инфлуенсерката ѝ е ограничен пристапот до велосипедистите, а добила и нови насоки за креирање содржина. Според наводите, во иднина за разговор со натпреварувачите ќе мора претходно да добие одобрение од нивните екипи.
Меѓу најгласните критичарки беше шпанската новинарка и авторка Лаура Месегер, која во колумна го проблематизираше целиот концепт на ангажирањето на инфлуенсерката.
„По првата етапа е испратена слика на жена која не го познава велосипедизмот и не ги почитува велосипедистите“, напиша Месегер.
Таа постави и прашање како јавноста би реагирала доколку ситуацијата била обратна, односно доколку машки инфлуенсер на ист начин им пристапувал на велосипедистките за време на женскиот „Тур де Франс“.
Месегер смета дека спортските организации мора повнимателно да го избираат начинот на кој ги користат инфлуенсерите во обид да привлечат нова публика.
„Таа цена не смее да биде напредокот што жените го постигнаа во оваа индустрија, ниту омаловажувањето на спортот и спортистите заради забава и лајкови“, заклучи таа.
И покрај контроверзијата и ограничениот пристап до натпреварувачите, Ерола Џонс засега останува на „Вуелта“ и продолжува да ја следи трката.















