Јамалов: Владата ја позиционира Македонија како сè поатрактивна туристичка дестинација

Макфакс

09/08/2026

12:07

226

Големина на фонт

а а а

Александар Јамалов го истакна развојот на туризмот како приоритет на Владата, нагласувајќи проекти како изградба на брза железничка пруга, развој на Гевгелија и проширување на авионските деситнации кои ја позиционираат Македонија како туристичка дестинација од регионално значење.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со конкретни инвестиции го развива туризмот и ја позиционира Македонија како сè поатрактивна туристичка дестинација, изјави Александар Јамалов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Развојот на туризмот е еден од стратешките приоритети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатиот период се реализираат бројни инфраструктурни и развојни проекти кои имаат за цел да ја подобрат туристичката понуда, да ја зголемат поврзаноста на државата со регионот и Европа и да создадат нови можности за локалниот економски развој. Еден од најзначајните проекти е изградбата на брзата железничка пруга Скопје – Солун, која ќе претставува најголем инфраструктурен проект не само за Македонија, туку и за целиот регион на Југоисточна Европа. Со нејзиното завршување, патувањето до Солун значително ќе се скрати, што ќе овозможи побрз пристап до морето и ќе придонесе за зголемен број туристички посети во двата правци. Истовремено, Гевгелија ќе се развие во значаен туристички и економски центар, а со проширувањето на граничниот премин ќе се олесни движењето на патниците и туристите“, рече тој.

Јамалов додаде дека паралелно се реализираат и повеќе проекти во Гевгелија кои, како што кажа, директно придонесуваат за развојот на туризмот.

„Во тек е изградбата на западниот булевар, кој ќе го подобри сообраќајното поврзување, се реставрира заштитената стара чаршија со цел повторно да стане препознатлив симбол на градот, а се привршува и изградбата на браната Конско. Со нејзиното ставање во функција Македонија ќе добие ново вештачко езеро, кое отвора можности за развој на рекреативен, спортски и викенд туризам. Дополнително, се реконструира и патот до ски-центарот Кожуф, со што се создаваат услови оваа туристичка дестинација повторно да стане атрактивна за домашните и странските посетители“, рече Јамалов.

Истакна дека значајни резултати се постигнати и во авиосообраќајот како важен сегмент за развојот на туризмот.

„Преку програмата за субвенционирање нови авиолинии, од есента 2024 година досега се обезбедени 21 нова авионска дестинација од скопскиот и охридскиот аеродром. Новите линии кон градовите како Барселона, Дубаи, Неапол, Милано, Будимпешта, Виена, Краков и други европски центри ја прават Македонија достапна за странските туристи и придонесуваат за зголемување на туристичкиот промет. Во исто време се инвестира и во модернизација на аеродромската инфраструктура. Реконструкцијата на охридскиот аеродром е во завршна фаза, со нов терминал, нова административна зграда и проширување на капацитетите за прием на патници и авиокомпании. Резултатите веќе се видливи, при што охридскиот аеродром забележува рекорд со повеќе од 3.000 опслужени патници во еден ден“, рече Јамалов.