Тестенини со фета сирење и шери домати – лесен, едноставен и хранлив оброк за секој ден

Точка

07/08/2026

21:04

220

Големина на фонт

а а а

Тестенините со домати и фета сирење ги освоија социјалните мрежи пред неколку години, а нивната популарност не згаснува ниту денес. Едноставната подготовка и богатиот вкус се причината поради која многумина постојано му се навраќаат на овој рецепт.

Ова е идеален избор за летен ручек, бидејќи речиси сè се подготвува во еден сад. Додека фета сирењето и доматите се печат во рерна, доволно е само да ги сварите тестенините, а резултатот е кремаст и вкусен оброк што ќе му се допадне на целото семејство.

Потребни состојки:

• 250 грама фета сирење
• 500 грама шери домати
• 300 грама тестенини по избор
• 50 милилитри маслиново масло
• 3 чешниња лук
• 1 лажичка суво оригано
• прстофат сол
• по желба, половина лажичка сув босилек и малку мелен црн бибер


Начин на подготовка:

Во огноотпорен сад ставете го фета сирењето во средината, а околу него распоредете ги шери доматите. Додајте цели или крупно згмечени чешниња лук, прелијте со маслиново масло и наросете со оригано.

Печете во претходно загреана рерна на 200 степени околу 30 до 35 минути, односно додека доматите не омекнат и не почнат да пукаат, а фета сирењето не добие златнокафеава коричка.

Во меѓувреме сварете ги тестенините според упатството на пакувањето. Зачувајте околу 100 милилитри од водата во која се вареле.

Испечените фета сирење и домати изгмечете ги со виљушка за да добиете кремаст сос. Додајте ги сварените тестенини и, доколку е потребно, малку од зачуваната вода од варењето за сосот да стане уште помазен и посвиленкаст. Добро измешајте и послужете.

По желба, пред сервирање можете да додадете неколку свежи листови босилек, малку рендан пармезан или неколку капки маслиново масло за уште побогат вкус. 

Овој рецепт е одличен избор и за брз ручек и за лесна вечера, а најдобро е да се послужи веднаш додека е топол и кремаст.