Каде летуваат најмоќните Кинези? Место за кое малкумина во светот слушнале

Точка

03/08/2026

14:50

1.192

Големина на фонт

а а а

Додека ова лето некои од највлијателните луѓе во светот ќе одмораат во францускиот Сен Тропе, а потоа со јахти ќе отпловат кон Монако, таму нема да може да се види кинеската политичка елита.

Кинеските лидери секое лето тајно се повлекуваат во Беидаихе, скромно летувалиште полно со обични кинески семејства, сместено на околу 300 километри источно од Пекинг. Тоа место со децении е омилено засолниште на највисоките државни функционери, пишува Си-ен-ен.

Нивниот традиционален летен одмор е обвиен со превез на тајност. Не се знае точно на кој ден лидерите ќе пристигнат во градот, но безбедносните мерки почнуваат да се засилуваат уште на почетокот на јули. Се забрануваат дронови, а на посетителите не им е дозволено летање со балони на топол воздух, ниту приватни пловидби со чамци долж брегот. Потоа, некаде на почетокот на август, кинескиот претседател Си Џинпинг и дел од неговите најблиски соработници едноставно исчезнуваат од јавноста.


Нема официјални најави, но јавните податоци покажуваат дека највисоките кинески функционери во август обично прават пауза што трае меѓу 10 и 14 дена. Во тој период речиси воопшто не се појавуваат во јавноста, освен ако не се случи настан од национално значење, како што се природни катастрофи.

Беидаихе соодветна дестинација за лидер кој борбата против корупцијата на сите нивоа на кинеската власт ја прогласи за една од своите главни политички мисии. Со градот доминираат сиви вили во советски стил, а на многумина од нив со црвени букви се испишани натписи како „Работничко одморалиште“. Каменести патеки водат кон брегот покриен со златен песок. Плажата е полна со чадори за сонце, додека рестораните осветлени со неонски светла служат свежа морска храна на гостите кои седат на едноставни бели пластични маси.

Рана Митер, истакнат историчар на современа Кина, изјавил за Си-ен-ен дека скромноста на ова одредиште ја одразува пошироката порака на Си, според која секој поединец мора да биде скромен и свесен за својата улога во Комунистичката партија.

„Не сакаат да остават впечаток дека одат на некакво луксузно место каде што би можело да дојде до корупција“, истакнал Митер.


„Заминувањето во многу традиционално и прилично скромно летувалиште е добар начин тоа симболично да се покаже. Престој во хотел со пет ѕвезди на Хаинан или во некој меѓународен хотел на Карибите не би имал ист ефект“, објаснил тој.

Беидаихе нуди интересен увид во историјата на партиското раководство и кинеското минато. Иако делува ненаметливо, станува збор за исклучително популарна дестинација која секоја година ја посетуваат околу 50 милиони домашни туристи.

Стоејќи во морето, кое дури и во лето може да биде прилично студено, посетителите можат да го видат преминот Шанхај, историска утврдена точка што го означува источниот крај на Кинескиот ѕид.

Она што речиси сигурно нема да го видат се највисоките државни функционери.

Традицијата партиското раководство да се повлекува во Беидаихе во текот на летото започнала во 1953 година, кога основачот на комунистичка Кина, Мао Це Тунг, го избрал овој град како летно работно место за највисоките државни лидери.

Наводно, Мао обожавал да плива во отворено море. Во тоа време во Пекинг речиси и да немало клима-уреди, а дури и вентилаторите биле реткост за време на неподносливо жешките лета.


Поради близината до главниот град, Беидаихе станал идеално место каде што кинеските лидери, во помирниот дел од политичкиот календар, можеле да го одредуваат правецот на државната политика.

Еден од најважните состаноци во поновата кинеска историја бил одржан токму во Беидаихе во 1958 година. Тогаш Мао одлучил да ја мобилизира целата земја за да се остварат амбициозните цели за зголемување на производството, објаснил Митер.

Таа одлука довела до катастрофалната политика позната како „Големиот скок напред“, за време на која, поради лошото економско планирање и гладот, загинале милиони луѓе.

Собирите во Беидаихе биле прекинати за време на деценијата на Културната револуција, а повторно биле воспоставени по смртта на Мао Це Тунг во 1976 година.

Денг Сјаопинг, највлијателниот кинески лидер по Мао, редовно доаѓал во градот на одмор со своето семејство. Во текот на 1980-тите години, Денг го отворил Беидаихе и за странски туристи, во период кога на Кина ѝ бил очајно потребен прилив на странски капитал.


Политичката улога на ова летувалиште подоцна се менувала. За време на економските реформи на почетокот на 2000-тите, лидерите избегнувале да остават впечаток дека заминуваат на годишен одмор, изјавил Митер.

„Во ерата на Си Џинпинг сè е многу потаинствено, како и многу други работи под неговото водство. Не знаеме што точно се случува, но се чини дека постои одреден консензус дека состаноците се одржуваат секоја година“, додал тој.

Секоја година, шефот на кабинетот на Си Џинпинг, Цаи Чи, во Беидаихе собира повеќе од триесет најистакнати кинески научници и експерти за да разговараат за националните приоритети, меѓу кои е и вештачката интелигенција.

Времето кога се одржуваат овие состаноци се смета за показател кога Си Џинпинг и останатите највисоки државни лидери ќе заминат на летен одмор.


Многу државни функционери, исто така, ја користат можноста да отпатуваат или да земат слободни денови додека нивните претпоставени се отсутни, тврдат лица запознаени со ситуацијата.

Како што Си сè посилно ја зацврстува контролата врз Партијата и државата, улогата на Беидаихе во политичките пресметки на кинескиот државен врв значително се намали во последните години.

Сепак, во јавноста и понатаму постои перцепција дека во вилите покрај морето се водат тајни политички преговори и интриги.


Беидаихе со векови е поврзан со моќта. Според историските записи, првиот кинески император Ќин Ши Хуанг поминал низ ова подрачје во 221 година пред нашата ера, додека ја барал митската островска земја каде што, според легендата, бесмртниците го поседувале еликсирот на вечниот живот.

Беидаихе почнал да се претвора во модерно летувалиште во 1898 година, кога династијата Ќинг го отворила блискиот Ќинхуангдао како договорно пристаниште, а Беидаихе официјално го прогласила за летно одморалиште во кое Кинези и странци можеле да живеат едни покрај други.

Првиот туристички водич за Беидаихе бил објавен во 1921 година. Како што растела репутацијата на летувалиштето, тоа станувало сè попривлечно за политичката елита.


На почетокот на 20 век, високи функционери на тогаш владејачкиот Куоминтанг, како и странски дипломати во Кина, долж брегот изградиле летни вили.

Откако комунистите победиле во Кинеската граѓанска војна во 1949 година, партиското раководство ги презело напуштените вили и таму отворило лекувалишта за ранетите војници, како и одморалишта за високите државни функционери.

Според наводите, Мао ги користел вилите број 1 и 99. Беидаихе толку многу му се допаѓал што често останувал подолго од планираното, поради што неговиот пример го следеле и останатите членови на државниот и партискиот врв.


Меѓу бројните скриени вили се наоѓа и поранешната летна резиденција на Лин Бјао, воениот маршал кој станал избраниот наследник на Мао.

Според наводите, тој побегнал од вилата број 96 по неуспешниот обид да го собори Мао од власт, а потоа во 1971 година загинал во авионска несреќа. Вистинската причина за неговата смрт и денес е предмет на расправи меѓу историчарите.

За време на престојот во градот, Мао ја напишал и познатата песна „Лангтаоша: Беидаихе“ („Брановите го мијат песокот: Беидаихе“).


Песната започнува со опис на високи бели бранови и огромно разбранувано море, во кое дури и рибарските чамци исчезнуваат од видик. Во неа Мао се осврнал на кинеската историја од времето на првиот император до современото доба, додека разбрануваното море се толкува како силна метафора за минувањето на времето и преобразбата на земјата.

Џони Ерлинг, пензиониран германски новинар кој речиси четири децении работел во Кина, изјавил за Си-ен-ен дека од 1980-тите до 2019 година многупати го посетил Беидаихе за да дознае повеќе за кинеската политичка елита.

„Кинеската политика е голема црна кутија, а Беидаихе е еден од симболичните називи за тоа. Никој не знае што навистина се случува таму, но сите знаат по нешто“, изјавил тој.

За време на своите бројни посети, полицијата го предупредувала да се држи подалеку.

„Преку телефонските разговори и хотелските резервации, полицијата знаеше дека ќе одам таму. Ме замолуваа да не одам, но сепак заминав“, раскажал тој.

„Кога пристигнав таму во 2018 година, полицајците веќе беа на плажата и се преправаа дека се обични капачи“, додал тој.


Ерлинг рекол дека безбедносните служби веднаш станувале сомничави штом ќе се приближел до подрачјето за кое се верувало дека се наоѓа комплексот наменет за државното раководство.

„Насекаде гледав обезбедувачи како разговараат преку радиостаници: „Доаѓа странец! Доаѓа странец!“. Мора да проверуваат сè. Работата е навистина сериозна. Од друга страна, градот мора да го задржат како туристичко летувалиште, па затоа станува збор за голема противречност“, раскажал тој.

Иако не се смета за место со едно од најспектакуларните крајбрежја во Азија, привлечноста на Беидаихе лежи во неговата единствена комбинација од историја, локална култура и морски пејзаж.

Поради својата положба во северна Кина, градот е популарен и меѓу руските туристи. Според туристичките податоци, секоја година го посетуваат околу 50.000 Руси.

Еден руски иселеник кој работи во Кина изјавил за Си-ен-ен дека Беидаихе е „прилично убаво место“, додавајќи дека морето е малку плитко: „Море, сонце и храна – тоа е она што го бараме“.

Џејмс Цимерман, Американец кој од 1990-тите живее и работи во Кина како адвокат, се присетил на еднодневната посета на Беидаихе пред околу дваесет години.

„Тоа беше многу долго еднодневно патување. Возев четири часа во еден правец. Додека бев таму, шетав по плажата и низ градот, ги разгледував старите згради во европски стил, вечерав и потоа се вратив во Пекинг“, рекол тој.


„Секако, плажите во Калифорнија, јужна Франција и Тајланд се многу поубави во текот на целата година. Но, на почетокот на 20 век ова беше пријатно и лесно достапно летувалиште, особено пред појавата на воздушниот сообраќај и брзите возови“ раскажал Цимерман.

Жителот на Пекинг, Ванг Џијанг, неколкупати го посетил Беидаихе уште како дете на почетокот на 2000-тите години и со текот на времето бил сведок на неговата трансформација.

Тој објаснил дека споменувањето на одмор во Беидаихе меѓу колегите може да остави сосема поинаков впечаток отколку одмор на полуксузниот Хаинан, јужниот крајбрежен регион познат како „кинеските Хаваи“.

„Кога некој ќе каже: ’Одам на одмор на Хаинан‘, тоа кај колегите може потајно да предизвика незадоволство, бидејќи сите се исцрпени од работа“, рекол тој.

„Но, ако кажете: ’Одам во Беидаихе и ќе го понесам лаптопот. И понатаму ќе работам и можете да ме контактирате ако се појави нешто итно‘, тогаш се создава сосема поинаков впечаток“, истакнал тој.

Во последните години Ванг самостојно патува во Беидаихе поради театарскиот фестивал што се одржува во блиската Арања, крајбрежно населено место кое прерасна во една од највлијателните кинески лајфстајл-дестинации.

Арања е особено популарна меѓу младите кинески туристи и е позната по својата авангардна архитектура, меѓу која се издвојува и капелата на плажа. Таа привлекува уметници, архитекти и претприемачи.

Според Ванг, Беидаихе им нуди на посетителите различни нивоа на пристап и привилегии.

„Вистинската ’прва класа‘ несомнено се исклучително приватните области наменети за одмор на највисоките државни функционери. Тоа е целосно одвоен систем. Потоа постои она што би можеле да го наречеме обична прва класа, како Арања. По неа следува уште пообичната ’трета класа‘.“

„Генерално мислам дека неговата поврзаност со Партијата со текот на времето ослабе. Во минатото луѓето можеби размислуваа за тие историски врски, но денес повеќето едноставно го доживуваат како место за одмор“, заклучил Ванг.