Европскиот автомобилски шампион Игор Стефановски – Иџе, започнува ново поглавје во својата богата тркачка кариера. По освоените европски титули и бројните успеси на најпознатите ридски патеки, оваа сезона тој ќе настапува со прототип болид, најмоќната и најпрестижната класа во ридскиот автомобилизам.
Со овој историски чекор, Стефановски станува првиот македонски возач што ќе се натпреварува со прототип болид на официјални меѓународни натпреварувања, испишувајќи нова страница за македонскиот автомобилизам.


„Отворам ново поглавје во мојата кариера. За овој момент сонувам цел живот. Ќе бидам првиот возач од Балканот кој ќе настапува со прототипот Норма, еден од само 12 вакви болиди произведени во светот. Станува збор за исклучително моќно возило, прототип чија технологија и перформанси се блиски до болидите во Формула 1.

– Досега го немам возено овој болид и денеска ќе направам прв тест на Водно. Планот е со него да настапам на последните две трки од оваа сезона, по што ќе можам да знам повеќе. Во категоријата на прототипови настапуваат исклучително добри возачи, но време е да се испробаме со „големите батковци“,- рече Стефановски, кој досега има освоено три титули на Европското првенство на ридски патеки.

Новиот прототип болид претставува врв на инженерството во ридскиот автомобилизам. Конструиран е исклучиво за натпреварување, со ултралесна шасија, исклучителен однос меѓу тежината и силата и аеродинамика што овозможува максимални перформанси на најтешките планински патеки. Управувањето со ваков автомобил бара врвна физичка подготвеност, големо искуство и беспрекорна прецизност.

Со овој чекор, Игор Стефановски – Иџе не само што отвора ново поглавје во својата кариера, туку поставува нови стандарди за македонскиот автомобилизам, носејќи ја Македонија во највисоката класа на европските ридски натпреварувања.
До крајот на сезоната во 2026 година има 3 трки, на 16 август во Сент Урсен, Швајцарија, на 30 август Илирска Бистрица, Словенија и на 20 септември во Бузет, Хрватска.











