[ФОТО] Македонија на Медитеранските игри: Три учества, три златни медали и спортска приказна што продолжува

Дерби

04/08/2026

13:12

625

Големина на фонт

а а а

Со претстојното учество на XX Медитерански игри во Таранто, Македонија по четврти пат ќе биде дел од едно од најзначајните мултиспортски натпреварувања во медитеранскиот регион. Во изминатите три настапи како независна држава, македонските спортисти создадоа низа успешни спортски приказни, стекнаа драгоцено меѓународно искуство и освоија медали кои се потврда за нивната посветеност, работа и развојот на македонскиот спорт.

На Собранието на Меѓународниот комитет на Медитеранските игри (МКМИ), одржано во Пескара, Италија, во 2009 година, Македонија, преку Македонскиот олимписки комитет, беше официјално примена како полноправна членка на оваа меѓународна спортска организација, со што ги стекна условите за учество на Медитеранските игри.

Македонија првпат настапи како независна држава на Медитеранските игри во 2013 година во Мерсин, Турција. Со делегација од 116 спортисти, нашата земја беше претставена во 19 спортови и дебито го заврши со пет освоени медали – едно сребро и четири бронзени медали. Најголемиот дел од освоените медали во Мерсин дојдоа од боречките спортови, со што уште на првото учество беше потврдена силната традиција и квалитетот на македонските спортисти во овие дисциплини.


Вториот настап следуваше во 2018 година во Тарагона, Шпанија. Овие игри останаа запаметени како најуспешниот настап на Македонија според бројот на освоени медали. Македонските спортисти освоија шест медали, меѓу кои и првите златни медали во историјата на македонските настапи на Медитеранските игри. Берат Јакупи во карате го освои првото злато за Македонија, а златен медал освои и Магомедгаџи Нуров во борење. Дополнително, Дејан Георгиевски во таеквондо освои сребро, додека бронзени медали освоија Ненад Келебиќ и Жарко Арсовски во карате, како и Дејан Митров во борење.


Последниот настап пред Таранто 2026 беше во 2022 година во Оран, Алжир. Македонската делегација освои три медали – едно злато и две бронзи. Магомедгаџи Нуров во борење повторно се искачи на највисокото место на пиедесталот, додека Владимир Егоров во борење и Дејан Георгиевски во таеквондо освоија бронзени медали.

Несомнено, освоените медали се резултат на долгогодишната работа, посветеноста и дисциплината на спортистите, но и на придонесот на Македонскиот олимписки комитет, националните спортски федерации, тренерите и стручните тимови кои стојат зад нивниот развој.


Покрај освоените медали, значењето на Медитеранските игри е многу пошироко. Тие претставуваат важна сцена за афирмација на македонскиот спорт, место каде младите и искусните спортисти ги одмеруваат силите со најдобрите во регионот и стекнуваат искуство кое често претставува чекор кон нови големи спортски предизвици.

Со настапот во Таранто 2026, Македонија ќе ја продолжи својата медитеранска спортска приказна. Четвртиот настап на овие игри ќе биде нова можност за македонските спортисти да се претстават на големата меѓународна сцена, да ги промовираат олимписките вредности и да испишат нови страници во историјата на македонскиот спорт.