Македонија со најбројна делегација на јубилејните Медитерански игри: Околу 130 учесници во 19 спортови

Дерби

21/07/2026

13:42

234

Големина на фонт

а а а

На еден месец до почетокот на XX Медитерански игри – Таранто 2026, подготовките на македонската делегација се во полн ек. Од 21 август до 3 септември, македонските спортисти ќе бидат дел од едно од најзначајните мултиспортски натпреварувања во регионот, каде ќе ги одмерат силите со најдобрите спортисти од медитеранските земји.

Македонија годинава ќе настапи со досега најбројната делегација на Медитеранските игри, составена од околу 130 учесници. Нашите претставници ќе се натпреваруваат во 19 спортови, што претставува значаен исчекор и уште една потврда за развојот на македонскиот спорт и континуираното присуство на меѓународната спортска сцена.

Особено значајно е што македонската делегација ќе биде претставена и во четири екипни спортови – женската одбојкарска репрезентација, женската ракометна репрезентација, машката фудбалска репрезентација и машката репрезентација во баскет 3х3. Ваквото учество дополнително ја потврдува посветеноста и развојот на македонскиот спорт и претставува силен мотив за сите спортисти кои ќе ја претставуваат државата во Таранто.

Во изминатиот период, спортистите интензивно работат на својата физичка и техничка подготовка, заедно со своите тренери и стручни тимови, со цел да бидат максимално подготвени за настапите што ги очекуваат. Медитеранските игри претставуваат можност за потврда на нивната посветеност, дисциплина и долгогодишна работа, но и за стекнување ново меѓународно искуство и остварување врвни резултати.

Во пресрет на Игрите, фокусот останува на квалитетните подготовки, посветеноста и поддршката за македонските спортисти, кои со гордост ќе ги бранат боите на државата и ќе ги промовираат олимписките вредности, спортскиот дух и фер-плејот на меѓународната спортска сцена.

Македонскиот олимписки комитет и во периодот што следува ќе продолжи редовно да ја информира јавноста за подготовките, составот на делегацијата, распоредот на настапите и најважните моменти поврзани со учеството на македонските спортисти на XX Медитерански игри – Таранто 2026, преку медиумите и социјалните мрежи, каде ќе бидат споделувани актуелни информации, фотографии и содржини поврзани со настапите на македонската делегација.