Вообичаената навика постојано да ја тресете или потскокнувате ногата, која многумина ја сметаат за безопасен нервозен тик, би можела да биде предупредувачки знак за недијагностицирана здравствена состојба, тврди еден психијатар. Истражувањата покажуваат дека приближно секој четврти возрасен се сомнева дека можеби има нарушување на вниманието со хиперактивност (ADHD), но само мал дел се одлучува да побара стручна проценка, пишува „Express.co.uk“.
За да им помогне на луѓето полесно да ги препознаат симптомите, психијатарот Ахмед Ханкир, познат на „TikTok“ како@proahmedhankir, издвојува пет вообичаени симптоми кои можат да се појават кај возрасните.
„ADHD не е состојба што ги погодува само децата, а кај возрасните симптомите можат да бидат значително посуптилни. Клинички, ADHD се дели на три основни групи симптоми: невнимание, хиперактивност и импулсивност“, објаснува тој.

Пет суптилни знаци на ADHD кај возрасните
Првиот показател, според Ханкир, е немирот или неможноста да се опуштите.
„Можеби постојано се чувствувате напнато или како да не можете да се ’исклучите‘, дури и кога мирно седите. Ногата постојано ви потскокнува, мислите ви лутаат, а опуштањето изгледа невозможно“, вели психијатарот.
Вториот предупредувачки знак е прекинувањето на соговорниците за време на разговор.
„Не е затоа што сте невоспитани, туку едноставно ги изговарате работите пред да размислите или несвесно ги прекинувате луѓето. Подоцна сфаќате дека сте го направиле тоа, но во моментот ви доаѓа сосема автоматски“, објаснува Ханкир.
Третиот знак се однесува на импулсивното донесување одлуки, како што се спонтано резервирање патување, промена на работа или трошење пари на скапи работи без многу размислување.
@profahmedhankir RAPID VERSION FOR PEOPLE WITH ADHD!!! ADHD in women is often misunderstood — here are 5 subtle but powerful signs many people miss. Hashtags #adultswithADHD #ADHDawareness #WomenWithADHD #Neurodivergent #MentalHealth ♬ original sound - Professor Ahmed Hankir
„Подоцна се прашувате: ’Зошто, по ѓаволите, го направив тоа?‘“, додава тој.
Четвртиот симптом е тешкотијата да се задржи вниманието на деталите, што често резултира со пропуштање договори, рокови, состаноци или неодговарање на електронска пошта.
„Формулари? Е-пошта? Сè станува магливо. Тоа е психички исклучително исцрпувачко“, појаснува психијатарот.
На крајот, тој истакнува дека многу возрасни со ADHD започнуваат бројни задачи, но тешко успеваат да завршат барем една.
„Ќе започнете една задача, па ќе преминете на друга, па на трета … и на крајот имате пет започнати работи, а ниту една не е завршена. Не станува збор за мрзеливост, туку за начинот на кој вашиот мозок ги обработува вниманието и мотивацијата“, заклучува Ханкир.

Кога треба да побарате стручна помош?
Ханкир нагласува дека присуството на еден или повеќе од овие симптоми не значи нужно дека лицето има ADHD.
„Само затоа што се препознавате во некои од овие симптоми не значи дека имате ADHD. Но, ако тие се упорни и значително влијаат врз вашето секојдневно функционирање, вреди да разговарате со психолог или психијатар за да се направи официјална проценка“, додава тој.













