Распродал сè што имал поради болниот син: Сега е херој на нацијата, а клубот со месеци не му ја исплатил плата

Точка

30/06/2026

12:08

3.106

Големина на фонт

а а а

Парагвај приреди вистинска сензација елиминирајќи ја Германија по пеналите (1:1) во осминафиналето на Светското фудбалско првенство, а херојот на нацијата е голманот Орландо Хил.

Неговата судбина е најемотивната приказна на турнирот. Станува збор за човек кој пред само неколку години распродал сè што имал во домот за да го плати лекувањето на болниот син, а сега со шест одбрани и два запрени пенали ги испрати дома четирикратните светски шампиони.

Малкумина знаат низ каков пекол поминал овој 26-годишен џин (199 см). Хил ја започнал кариерата како напаѓач, сè додека неговиот тренер во младинските категории не му поставил ултиматум: „Или голман, или клупа!“.


Најтешките моменти, сепак, немаат никаква врска со спортот. Во текот на 2022 година, неговиот новороден син Лаутаро Даниел тешко се разболел. Финансиската состојба била очајна, па Орландо преку огласи морал да ја распродаде целата своја облека, обувки и сè што поседувал за да собере пари за лекови.


Го продал дури и дресот од Копа Америка У20, својот најдрагоцен спомен и успеал да го спаси синот.


Неговиот подем граничи со научна фантастика, бидејќи до пред две години одиграл само два натпревари за парагвајскиот Сан Лоренцо. Заминал во истоимениот аргентински клуб со надеж дека ќе брани за резервниот тим, но трансферите на Кејлор Навас и Ноперт пропаднале, па анонимниот Хил добил шанса, воодушевил и станал прв голман.


Дека во фудбалот не е сè во сјајот покажува еден бизарен податок. Иако блеска на најголемата сцена, аргентинскиот Сан Лоренцо на својот херој не му ја исплатил платата за последните три месеци поради огромната финансиска блокада.



„Неверојатно сум возбуден. Го анализиравме секој изведувач на пенали и фала му на Бога успеав да одбранам два. Оваа победа им ја посветувам на сите Парагвајци“, порачал Хил. Човекот кој останал без облека за да го спаси своето дете, денес на своите плеќи ги носи соништата на една нација.