Пилотот на американскиот борбен авион Ф-15, кој во април се урна во Иран, пред разузнавачките службеници опишал шокантна глетка на која бил сведок непосредно пред да се катапултира.
Според неговите зборови, видел повеќе ирански дронови како лебдат и се движат како една целина, во формација што потсетувала на медуза. Неговото сведоштво, за кое досега не било известувано, предизвикало бурна расправа во американската разузнавачка заедница, пишува Си-ен-ен.
„Вистинско вонземско сра*е“
Пилотот го дал исказот за време на разговор со разузнавачки службеници, откако бил спасен од припадници на специјалните сили. Според четири извори запознаени со случајот, доколку пилотот навистина го видел тоа што го опишал, тоа би претставувало загрижувачки напредок во иранските способности за користење беспилотни летала.
„Повеќе меѓусебно поврзани дронови, кои се движат како еден, со помали дронови под поголемите, како краци. Вистинско вонземско сра*е“, го прераскажал описот на пилотот еден од изворите за Си-ен-ен.
Друг извор навел дека пилотот опишал оти во воздухот видел „минско поле од дронови“. Иако точната причина за падот на Ф-15 сè уште се истражува, првичните информации укажувале дека токму таквата формација од дронови можеби му овозможила на Иран да го собори американскиот млазен авион, тврдат два извори.
Спасувачка операција и отворени прашања
Во урнатиот Ф-15 имало двајца членови на екипажот – пилот и офицер за вооружување. Американските сили веднаш започнале опсежна операција за пребарување и спасување. Пилотот бил спасен неколку часа по катапултирањето, додека офицерот за вооружување повеќе од еден ден избегнувал заробување во планините, пред и тој да биде спасен. Не е познато дали и тој ја видел споменатата формација од дронови.
Падот на авионот Ф-15 бил првиот таков случај за време на конфликтот со Иран. Во текот на спасувачката операција се урнал и еден авион А-10, но неговиот пилот успеал безбедно да се катапултира надвор од иранскиот воздушен простор.
Сомнежи во исказот
Американските разузнавачки службеници се поделени околу толкувањето на сведоштвото на пилотот и неговата способност јасно да го прераскаже настанот. Имено, пилотот при падот добил потрес на мозокот. Покрај тоа, ова бил вторпат да биде соборен за време на војната со Иран – бил и меѓу пилотите кои по грешка биле соборени од кувајтските сили на почетокот на конфликтот, наведуваат два извори.
Разузнавачите се прашуваат дали бил сведок на развиена технологија за која САД не знаеле, на бета-тестирање или само на фатаморгана во пустината.
„Дали сте сигурни дека го видовте тоа што тврдите дека сте го виделе?“ – со овие зборови, според еден од изворите, го прашале службениците кои го воделе разговорот.

Американското воено воздухопловство ги упатило прашањата до Централната команда на САД, која не одговорила директно на прашањата на Си-ен-ен. Канцеларијата на директорот на националното разузнавање, исто така, не одговорила на барањето за коментар.
Контекстот на преговорите и технолошката соработка
Прашањата за иранската програма за дронови се појавуваат во момент кога САД и Техеран преговараат за условите за завршување на војната. Минатата недела започна 60-дневниот рок за преговори во рамките на прекинот на огнот. Се очекува разговорите да бидат насочени кон иранската нуклеарна програма, иако двете страни отвориле и низа други теми.
Иако американските разузнавачки агенции досега не процениле дека Иран ја поседува способноста што ја опишал пилотот, постојат низа извештаи што укажуваат дека Техеран добивал помош од Кина и Русија за развој на технологијата за дронови, тврдат два извори запознаени со случајот.
Што претставува мрежното поврзување и колкава закана е истото?
Стручниот термин за способноста што ја опишал пилотот е „мрежно поврзување еден кон повеќе“. Тоа, генерално, му овозможува на операторот истовремено да управува со повеќе дронови. Се верува дека оваа способност веќе ја поседуваат и други земји, како Русија и Кина.
Секој напредок во и онака софистицираната иранска програма за беспилотни летала би бил причина за загриженост за американските сили и нивните сојузници во регионот.
Еден американски функционер забележал дека мрежното поврзување теоретски би можело да се користи и за безопасни цели, како обезбедување интернет-врска во оддалечени подрачја без постојна инфраструктура.
„Ќе потрошиме огромни суми пари“
Иран за време на конфликтот агресивно ги користел своите напаѓачки дронови како асиметрично оружје против американските и израелските сили, како и против соседните земји од Персискиот Залив.
„Ќе потрошиме огромни, навистина огромни суми пари и многу крв, бранејќи се од нешто што може да се координира на таков начин“, истакнала за Си-ен-ен Ема Бејтс, експертка за војување со дронови и основачка на компанијата „Качаи“, зборувајќи за заканата што ја претставуваат мрежно поврзаните роеви дронови.
„Доколку нешто може да се координира во препознатлива форма и да ја одржува, ако носи експлозив и ако чува ресурси во резерва за напад врз она што првиот бран не го уништил – тоа е многу моќен пристап“, заклучила Бејтс.















