Трагичен биланс од топлотниот бран во Франција: Најмалку 40 лица се удавија додека земјата ја зафати топлотен бран со температури до 43°C

Точка

23/06/2026

12:50

944

Големина на фонт

а а а

Франција денеска се соочува со екстремен топлотен бран, при што голем дел од земјата е погоден од температури кои достигнуваат околу 40 степени Целзиусови, а во некои западни региони се очекува живата во термометарот да се искачи и до 43 степени.

Во меѓувреме, францускиот премиер Себастијан Лекорну соопшти загрижувачки податок – дури 40 лица го загубиле животот во изминатите неколку дена, откако влегувале во реки, канали и други водени површини во обид да се разладат од рекордните горештини, пренесува „Independеnt“.


„Станува збор за трагична појава. Последните информации покажуваат 40 смртни случаи од давење од 18 јуни наваму, а најголем дел од жртвите се млади лица“, изјави премиерот пред итниот состанок посветен на кризата со високите температури.

Поради неподносливата жештина, голем број граѓани низ Франција бараат спас покрај вода, но министерката за спорт Марина Ферари апелираше до населението да не се капе на небезбедни и неовластени места, предупредувајќи дека ризикот од несреќи е сериозен.

Според националната метеоролошка служба „Météo-France“, дури 54 департмани се ставени под највисоко, црвено ниво на тревога, а метеоролозите предупредуваат дека станува збор за досега невиден топлотен удар. Земјата веќе ги регистрираше најжешките попладневни и ноќни температури откако се води официјална евиденција, од 1947 година.

Трагедиите не запираат. Во понеделникот, спасувачките служби не успеале да спасат две мали деца, на возраст од 2 и 4 години, кои биле пронајдени во бессознание во семејниот автомобил пред нивниот дом во југоисточниот град Карпентрас.

Дополнително, во регионот на Бордо, три постари лица починале викендов како последица на здравствени компликации предизвикани од екстремните температури.


Топлотниот бран не ја погодува само Франција. И во Велика Британија, Италија и Шпанија се бележат рекордно високи температури, кои веќе предизвикуваат нарушувања во образовниот систем и транспортот.

Од „World Meteorological Organization“ предупредуваат дека Европа се загрева повеќе од двојно побрзо од глобалниот просек, што значи дека ваквите екстремни и долготрајни топлотни бранови ќе стануваат сè почеста појава во иднина.