По четиригодишна пауза, славниот режисер Стивен Спилберг се враќа на жанрот што го прослави: филмовите за непознати летечки објекти и вонземјани.
Неговиот 37. филм се занимава со интригантното прашање што би се случило ако човештвото добие непобитен доказ дека не сме сами во вселената, а првите гледачи тврдат дека станува збор за емотивно, напнато и неверојатно слоевито ремек-дело кое во кината пристигнува кон средината на јуни.
Враќање кон жанрот за вонземјани
Дејството на филмот „Disclosure Day“ ја следи телевизиската метеорологинка од Канзас Сити, која ја толкува Емили Блант, а која среде јавување во живо ја презема мистериозна вонземска сила. Во потрагата по вистината ѝ се придружува ликот кој го игра Џош О’Конор, убеден поддржувач на постоењето вонземски живот, а импресивната актерска екипа ја заокружуваат Колин Фирт, Ив Хјусон, Колман Доминго и Вајат Расел.

Сценариото го потпишува Дејвид Кеп, долгогодишниот соработник на Спилберг, со кого работел на глобални хитови како „Паркот Јура“ и „Војна на световите“. Интересно е и тоа што режисерот сам одлучил да го наратира последниот трејлер за филмот, истакнувајќи го сопственото уверување дека има силно сомневање оти човештвото не е само на Земјата. Поради тематиката, бројни обожаватели шпекулираат дека новиот трилер би можел да послужи и како своевидно неофицијално продолжение на култниот класик „Блиски средби од трет вид“ од 1977 година.
„Ова е најчудниот филм што некогаш го снимил“
Новинарите и критичарите кои имале можност да ја погледнат раната проекција на филмот не го кријат воодушевувањето. Џим Хемфил од порталот „IndieWire“ го спореди филмот со најголемите класици на Спилберг: „Ова е врвен Спилберг, возбудлив како ’Крадци на изгубениот ковчег‘, но со емотивна текстура и зголемена амбиција како во неговите дела создадени по 11 септември. Уште од самиот почеток Спилберг го фрла предизвикот и нè потсетува дека вакви работи прави подобро од кој било во историјата на филмот“.

Новинарот на порталот „Gizmodo“, Жермен Лусие, се согласи со високите оценки, нарекувајќи го најдоброто остварување на славниот режисер во последните две децении. „Тоа е како возење на воз на смртта што спојува филм со потера, љубовна приказна и мистерија, а сето тоа е обвиткано во научно-фантастично чудо исполнето со онаа магија што ги прави неговите филмови посебни“, изјави Лусие, особено истакнувајќи ја Емили Блант, за која тврди дека остварила „изведба за сите времиња“.
Совет за гледачите: прескокнете ги трејлерите
Филмскиот критичар Бил Бриа го нарекува филмот „најчудниот филм што Спилберг некогаш го снимил“ во најпозитивна можна смисла. Бриа особено ја пофали маестралната музичка подлога на легендарниот Џон Вилијамс и сценариото на Кеп, опишувајќи го како храбар спој на „Досиеја Икс“ и Библијата.
Уредникот на порталот „Collider“, Стивен Вајнтрауб, истакна дека воопшто не е шокиран што Спилберг испорачал уште еден брилијантен филм.
„Имав среќа да го гледам филмот речиси без да знам ништо за него и топло ви препорачувам и вие да го направите истото. Престанете да ги гледате трејлерите“, предупреди Вајнтрауб.
Од друга страна Теса Смит од порталот „Rotten Tomatoes“ заклучи: „Бев прикована за секој збор, целосно маѓепсана од приказната додека се развиваше. Делумно мистерија, делумно ’Зона на самракот‘, нешто сосема ново. На крајот дури и пуштив солза. Вау!“.

















