Познатиот рок музичар јавно призна дека е геј по 14 години брак: Се огласи и неговата сопруга

Точка

26/05/2026

23:03

1.162

Големина на фонт

а а а

Познатиот рок-музичар и фронтмен на бендот „Бертут“ (Beartooth), Кејлеб Шомо (33), јавно призна дека е геј преку емотивна објава на својот инстаграм-профил.

Пејачот откри дека со години водел тивка битка со самиот себе, а веднаш по него се огласи и неговата сопруга Флер Шомо, со која беше во брак цели 14 години, потврдувајќи дека нивната заедничка приказна е завршена, пишува „Пипл“.


Кејлеб реши да стави крај на гласините поврзани со неговиот приватен живот и отворено да ја соопшти вистината:

„Во последно време има многу шпекулации околу мојот приватен живот и чувствувам потреба јавно да ги расчистам работите пред тоа да влијае уште повеќе врз оние што ги сакам. Јас сум горд геј маж. Ова е нешто што го отпакувам и со кое се соочувам во мојот живот веќе подолго време. Беше тешко да се соочам со тие чувства и да сфатам што да правам со оваа вистина“, напиша Шомо во долгото соопштение.

Музичарот призна дека иако преку својата рок-музика се обидувал да допре до најдлабоките делови од својата душа, со години одбивал да ги ископа вистинските корени на својата „депресија, самоомраза и чувство на безнадежност“.


„Поминав една деценија криејки ги сопствените чувства со алкохол. Искрено, кога решив да ги оставам пороците и да истражам зошто се чувствувам така толку долго, тоа ме одведе на директен пат кон прифаќање на мојата сексуалност, со надеж дека на крајот ќе ме донесе до љубов кон самиот себе. Чувањето на вакви работи во себе ве повредува само вас, но и луѓето околу вас“, порача тој и ги охрабри сите што се борат со својот идентитет да си дадат време и простор.

Само неколку часа по неговата објава, неговата долгогодишна сопруга Флер Шомо се огласи со емотивно видео на Инстаграм, на кое двајцата танцуваат и искрено го опиша болниот период низ кој минуваат последните месеци. Таа потврди дека нивниот брак е завршен, но дека нејзината љубов и почит кон него како човек никогаш нема да престанат.

„Секогаш ќе сакам да го сакам, штитам и поддржувам Кејлеб. Низ годините, повеќе од сè на светот ми беше важна неговата добросостојба. Тешко е да се гледаат болката, збунетоста, подемите и падовите, а да не знаеш како да помогнеш“, напиша Флер.

Таа отворено проговори и за внатрешниот пекол кој го минува како жена:


„Јас сум единствената личност која мора да се справи со оваа ситуација. Да го поддржуваш него, додека во исто време го губиш сопствениот свет и сè што си имал, е неверојатно тешко да се сфати. Можеш да го сакаш и поддржуваш својот партнер низ најтешкиот период од неговиот живот, а во исто време да бидеш целосно скршена и да се изгубиш себеси … Нашите речиси 14 години брак беа прекрасни, полни со забава, авантури и љубов. Веќе неверојатно многу ми недостига тоа, ми недостига мојот сопруг. Нашата приказна беше добра. Но, сега е завршена“, заклучи таа.

Романсата на Кејлеб и Флер започна уште во нивните рани дваесетти години, а нивната искреност и достоинствениот начин на кој ставија крај на бракот предизвикаа лавина од коментари и поддршка на социјалните мрежи.