Познатиот актер Том Круз може да се пофали со актерска кариера на која многумина би можеле да му завидат, а една филмска продукција му донесе вистинско богатство.
На 27 мај 2022 година, во кината пристигна филмот „Top Gun: Maverick“, продолжението на култниот акционен хит од 1986 година. Овој филм, во режија на Џозеф Косински, го означи враќањето на Том Круз во улогата на легендарниот пилот Пит „Маверик“ Мичел, а воедно стана и еден од најуспешните филмови во историјата на киното.
Заплетот на филмот
Во „Top Gun: Maverick“, Пит „Маверик“ Мичел, сега капетан на американската морнарица, продолжува да избегнува унапредување за да остане во пилотската кабина како тест пилот. Откако не ги послушал наредбите за време на тестирањето на хиперсоничен авион, тој се враќа во училиштето Топ Ган за да обучи нова генерација елитни пилоти за исклучително опасна мисија - уништување на непријателски објект за збогатување со ураниум лоциран во тешко достапна планинска област.
Меѓу пилотите што ги обучува е и Бредли „Петел“ Бредшо (Мајлс Телер), син на неговиот покоен најдобар пријател Гуз, што дополнително ја комплицира емоционалната ситуација на Маверик.
Оригиналниот „Топ Ган“, во режија на Тони Скот, го следeла младиот и талентиран пилот, Маверик, кој се натпреварува во елитното училиште на морнаричките воздухопловни сили. Неговата импулсивна природа го доведува во конфликт со другите пилоти, особено со Ајсмен (Вал Килмер), но и со трагичната загуба на неговиот совозач Гуз.
„Top Gun: Maverick“ вешто ги поврзува минатото и сегашноста, носејќи носталгични елементи како враќањето на Ајсмен, повторно игран од Вал Килмер, и референци на настаните од првиот филм, а истовремено воведувајќи нови ликови и предизвици.

Финансиски успех
„Top Gun: Maverick“ остварил огромен комерцијален успех, заработувајќи речиси 1,5 милијарди долари низ целиот свет. Со буџет помеѓу 170 и 177 милиони долари, филмот стана најпрофитабилен во кариерата на Том Круз и втор најуспешен филм во 2022 година.
Исто така, филмот го сруши рекордот за најуспешно викенд отворање за време на Денот на сеќавањето во САД.
Филмот беше номиниран за шест Оскари, вклучувајќи ја и наградата за најдобар филм, а ја освои наградата за најдобар звук.







