Со задоволство Ве информираме дека во скопско Пржино започна снимањето на дебитантскиот долгометражен игран филм „Пролетно чистење“, по сценарио на Марија Апчевска Петровска и Ереник Бекири од Албанија, а во режија на Апчевска Петровска.
Филмот ја раскажува приказната за Варава, одметнатата ќерка која се враќа во својот мал роден град поради самоубиството на нејзината мајка, но се чини дека и нејзината мајка се вратила од задгробниот живот за да ја научи на некои лекции.
Во главните улоги се јавуваат Јулиа Марковска Фалзон и Зоја Николова за кои ова е прво филмско искуство, како и Стефан Вујисиќ и Ана Костовска од Македонија, и Ника Розман од Словенија.

Директор на фотографијата е Константинос Кукулис од Грција, од Србија авторската екипа се состои од Драган Вон Петровиќ монтажа, и костимографката Лидија Андриќ, додека дизајнер на шминка и маска е Мојца Горогранц Петрушевска од Словенија. Македонски автори во филмот се нашите докажани професионалци Кирил Спасески како дизајнер на продукција и Игор Поповски кој е одговорен за звукот.
Филмот е во продукција на Кино Око на Роберт Насков и финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, филмските центри на Словенија, Грција и Србија, како и од ERT – националната телевизија на Грција. Овој проект доби финансиска поддршка и од Европскиот кинематографски фонд EURIMAGES, а во фазата на развој беше поддржан од програмата МЕДИА и од SEE CINEMA NETWORK. Копродуценти на филмот се Антигони Рота (Foss Productions) од Грција, Боштјан Иковиќ (Arsmedia) од Словенија и Милош Љубомировиќ (Servia Film) од Србија.

Ова е прв долгометражен филм на Марија Апчевска Петровска, чиј последен краток филм „Северен пол“ беше првиот македонски филм кој ја имаше својата премиера во официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал и беше прикажуван на повеќе од 150 фестивали во светот каде освои голем број на награди.







