Никлас Суле до пред некоја сезона беше елитен дефанзивец кој беше стартер во Баерн Минхен и германската фудбалска репрезентација, но откако направи трансфер во Борусија Дортмунд, неговата кариера тргна во погрешен правец.
Тешките повреди и честите проблеми со тежината направија да биде потиснат од стартниот тим на Борусија, а сега на 30-годишна возраст самиот донесе одлука дека е време за рано пензионирање.
Стоперот ја шокираше јавноста во Германија со обраќањето кое го имаше во еден познат домашен подкаст, по што веста за неговото повлекување ја потврди и Борусија.
Суле последниот натпревар во кариерата го одигра на гостувањето во Хофенхајм на 18-ти април, а три недели подоцна соопшти дека оди во пензија.
Дефанзивецот го повреди коленото на мечот со Хофенхајм и се стравуваше дека го има скинато предниот вкрстен лигамент по трет пат, па иако не дојде до најцрно сценарио, стравот да се повтори такво нешто го натера Суле да ги закачи копачките на клин.
– Кога лекарот влезе во соблекувалната во Хофенхајм и ми направи тест, го погледна физиотерапевтот и одмавна со глава. Физиотерапевтот го направи истото и не почувствува отпор меѓу коленото и натколеницата. Отидов под туш и плачев десет минути. Во тој момент навистина мислев дека ми е скинат лигаментот.
– Следниот ден отидов на магнетна резонанца и добив вест дека сепак не е најлошото, но во истиот момент ми беше јасно дека за мене е готово. Не можев да замислам нов период на неизвесност и моменти кога мора да одам на рехабилитација по трет пат за иста работа, – изјави Суле.
Германскиот стопер два пати во кариерата се опоравуваше од кинење на преден вкрстен лигамент, па од страв да не го мине истото по трет пат, реши да стави крај на фудбалското патување на крајот на оваа сезона.
Суле не освои ниту една титула во Борусија, но во Баерн се радуваше на 14 трофеи, од кои пет во Бундеслигата и оној во Лигата на шампиони.











