Чупиќ: Нема да кажам ниту еден лош збор за моите играчи, ова е лекција од која треба да научиме

Дерби

06/05/2026

16:13

200

Големина на фонт

а а а

Иван Чупиќ велеше дека невозможното може да стане возможно во „Јане Сандански“ и веруваше во сензационален пресврт против Монпелје, па иако Вардар стигна до „плус 7“ и се доби впечаток дека е блиску до такво нешто, сепак следеше серија на гостите која ги згасна надежите за огромен ракометен подвиг.

Вардар на крајот победи со три голови разлика и ја поправи лошата слика од минатонеделното гостување во Франција, но сепак тоа не беше доволно за да се анулира негативата од десет голови.

Како најголем оптимист пред натпреварот, Чупиќ се соочи со новинарите и по крајот на мечот во „Јане Сандански“, при што нагласи дека овој двомеч ќе послужи како добра лекција за наредната сезона кога Вардар ќе игра во Лигата на шампиони.

– Гледајќи ги двата меча севкупно, Монпелје беше подобар од нас. Одигравме многу добар втор меч, се боревме и верувавме, но мора да му се оддаде признание на ривалот.

– Знаевме дека ќе биде тешко, но се боревме со се што имавме. Не сакам да кажам ниту еден лош збор за моите играчи, тие дадоа се што имаат. Како и да е, ние ќе научиме многу од овие два меча. Верувавме во чудо, но за жал тоа не се случи. Ова е лекција за сите нас од која ќе научиме за следната сезона во Лигата на шампиони, – изјави Чупиќ.