Пресудниот момент се случил за време на видеоповик во популарната „Kings League“, проект што го води Жерар Пике, а кој собира бројни фудбалски ѕвезди и стримери.
Новата ѕвезда на Барселона, 18-годишниот Ламине Јамал, повторно е во центарот на вниманието, но овојпат причините не се од спортска природа. Сè погласни се шпекулациите за неговата нова романса со атрактивна инфлуенсерка од Севиља. Иако младиот фудбалер се опоравува од повреда на мускулот што го оддалечи од терените до крајот на сезоната, со цел што подобро да се подготви за претстојното Светско првенство со шпанската репрезентација, се чини дека на приватен план му оди одлично.
Откако медиумите претходно го поврзуваа со аргентинската поп-ѕвезда Ники Никол, со која наводно ја прекинал врската на почетокот на сезоната, како и со Алекс Падиља, сè укажува дека Јамал започнал ново љубовно поглавје. Во главната улога овојпат се најде андалузиската инфлуенсерка Инес Гарсија. Заемното следење на профилите, лајковите и повремените разиграни коментари беа првите сигнали што поттикнаа лавина од шпекулации и ги натераа фановите подетално да истражуваат што се крие зад навидум безопасното виртуелно пријателство.

Пресудниот момент се случил за време на видеоповик во „Kings League“. Во опуштен разговор со најблиските пријатели на Јамал, неговиот близок пријател Сухаиб, очигледно несвесен дека го следат илјадници гледачи ширум светот, невнимателно го спомнал името „Инес“. Реакцијата што следела била појасна од илјада зборови и ја потврдила претпоставката на многумина. Роднината на Јамал, Мохамед, кој исто така бил дел од разговорот, веднаш изгледал збунето и шокирано, како да е откриена строго чувана тајна. Кратката непријатна тишина и паничните погледи биле доволни гледачите да ги поврзат работите. Снимката од тој момент брзо се проширила на интернет, а обожавателите ја протолкувале како силен доказ дека зад сцената навистина се развива љубовна приказна што двојката се обидува да ја задржи во тајност. Дополнително, заедничката вечера во ексклузивен ресторан потврдила дека тие се гледаат и надвор од дигиталниот свет.
Познатиот шпански инфлуенсер Хави Хојос објавил снимки што дополнително ја разгореле приказната. На нив се гледа како Јамал и Инес го напуштаат ресторанот „La Cúpula del Garraf“ во Сиџес, живописно крајбрежно место близу Барселона. Локацијата е позната по дискретни средби на познати личности, со прекрасен поглед на море и приватност далеку од јавноста. Она што ја прави ситуацијата уште поинтересна е друштвото – со нив биле соиграчот на Јамал, Фермин Лопез, и неговата девојка Берта Гаљардо. Опуштената атмосфера и фактот што излегле како група ги навеле многумина да заклучат дека станува збор за двоен состанок и дека врската е посериозна отколку што се мислело. Иако нема директни докази за нежност, самото поминување време заедно во таква средина било доволно гласините да ескалираат.

Целата приказна доби и временска рамка. Излегувањето се случило по важната победа на Барселона над Хетафе, по која тренерот Ханси Флик им дал на играчите два слободни дена. Јамал ја искористил паузата за одмор, а Инес очигледно била негов избор за друштво. Како дополнителен доказ, фановите забележале дека инфлуенсерката објавила фотографија од тераса со пијалак, со амбиент што се совпаѓал со локацијата на ресторанот.
Иако ниту Ламине Јамал ниту Инес Гарсија официјално не ја потврдиле врската, ниту пак ја демантирале, низа индиции – од онлајн интеракции, преку несвесното откритие во живо, до заедничкиот излез – беа доволни медиумите и јавноста да ја прифатат оваа романса како реалност. Сепак, новинарот Хави Хојос внесе доза на претпазливост: „Тие негираат дека нешто се случува меѓу нив. Во моментов нема ништо, но можеби ќе има“, оставајќи простор за понатамошен развој на ситуацијата.
















