Научниците конечно открија како комарците ги избираат „жртвите“ што ќе ги нападнат!

Точка

27/03/2026

21:46

466

Големина на фонт

а а а

Изгледа како комарците да имаат „шесто сетило“ кога станува збор за пронаоѓање „жртви“, а ново истражување покажува дека тоа сигурно не е случајност.

Тим научници откри како овие инсекти одлучуваат каде ќе летаат и на кој начин ги „планираат“ своите напади, пренесува „NDTV“.


Развиен математички модел

Истражувачи од Технолошкиот институт Џорџија и Масачусетскиот институт за технологија проучувале стотици комарци и анализирале дури 20 милиони податоци, при што дошле до заклучок дека овие летечки крвопијци користат „комбинација од различни сигнали“ за да ги лоцираат и нападнат луѓето.

Во рамки на студијата бил развиен математички модел кој предвидува како женките комарци летаат кон луѓето со цел да се хранат.

Научниците користеле тродимензионални инфрацрвени камери за да го следат движењето на инсектите во просторот, потпирајќи се на визуелни сигнали и присуство на јаглерод-диоксид. Истражувањето било фокусирано на женките од видот "Aedes aegypti", познати и како комарци на жолта треска.


Секој комарец за себе!

Експериментот бил спроведен во контролирана комора со еден човечки испитаник, при што истражувачите ја менувале бојата на неговата облека и го следеле начинот на кој се движат комарците.

Според резултатите, објавени во списанието „Science Advances“, секој комарец реагира независно на сигналите од околината. Тие не се собираат затоа што се следат еден со друг – туку едноставно се наоѓаат на исто место во исто време.

„Тоа е како преполно кафуле. Гостите не се таму затоа што се следеле меѓусебно, туку затоа што ги привлекуваат исти фактори – пијалакот, музиката и атмосферата. Истото важи и за комарците. Наместо да следат водач, тие ги следат сигналите и случајно пристигнуваат на истото место како и другите“, објасни професорот Дејвид Ху од Технолошкиот институт Џорџија.


„Тие се како мали роботи“

Научниците спровеле три експерименти, менувајќи комбинации од визуелни сигнали и јаглерод-диоксид, за попрецизно да утврдат како комарците „донесуваат одлуки“ за време на летот.

„Претходните истражувања утврдија дека визуелните сигнали и јаглерод-диоксидот ги привлекуваат комарците, но не знаевме како ги комбинираат тие сигнали за да одлучат каде да летаат. Тие се како мали роботи, само требаше да ги разбереме нивните правила“, додаде Кристофер Зу.

Резултатите од истражувањето би можеле да имаат значајна практична примена. Научниците се надеваат дека врз основа на овие сознанија ќе биде можно да се развијат поефикасни методи за контрола на комарците, особено кога станува збор за видови кои пренесуваат опасни болести, како маларијата, кои заедно предизвикуваат повеќе од 700.000 смртни случаи годишно.