На социјалните мрежи објавена е пропагандна снимка направена со вештачка интелигенција, во која е прикажано уништувањето на Статуата на слободата во симулиран напад на „одмазда“ против САД.
Снимката, која трае 53 секунди, под наслов „One Vengeance for All“ (Една одмазда за сите), ја објави новинската агенција Фарс, која се поврзува со државната радиодифузна мрежа на Иран.
Монтажа од сцени на конфликти
Снимката претставува монтажа од историски и современи сцени на конфликти, врамени така што американските и западните потези се прикажани како извори на „глобално страдање“.
Почнува со сцени што упатуваат на домородните народи на Северна Америка, по што ги прикажува последиците од експлозијата на атомската бомба во Хирошима.
Потоа следуваат сцени што потсетуваат на Виетнамската војна, заедно со кадри што упатуваат на поновите конфликти на Блискиот Исток.
Монтажата, исто така, вклучува референци на скандалот поврзан со милијардерот педофил Џефри Епстин и неговиот остров.
Потоа фокусот се префрла на ирански воени функционери и високи лидери убиени во најновите операции на САД и Израел, со што дополнително се нагласува темата на одмазда.
На крајот од снимката прикажано е њујоршкото пристаниште, каде што Статуата на слободата е изменета така што наместо вообичаената круна и израз на лицето има рогато демонско лице.
Наместо плочата со натписот „JULY IV MDCCLXXVI“, односно 4 јули 1776 година, што го означува датумот на усвојувањето на Декларацијата за независност, во оваа снимка статуата во рацете држи Талмуд, пренесе „Дејли мејл“.
Набргу потоа, статуата ја погодува иранска ракета, по што таа се распаѓа, а делови од урнатините паѓаат во околната вода.










