Ново истражување на Универзитетот во Бристол, засновано на искуствата на повеќе од 750 родители од Велика Британија, Соединетите Американски Држави, Австралија и Канада, покажало дека една четвртина од децата веќе на десет месеци ги разбираат тактиките на измама, а околу третата година ја совладуваат вистинската лага.
Според наводите на истражувачите, некои деца веќе на осум месеци можат да сфатат едноставни облици на измама, додека до 17-тиот месец половина од нив почнуваат да користат основни стратегии за да ги надмудрат родителите, како што се преправање дека не слушаат кога ги довикуваат или криење на играчките за да не мора да ги делат.
Во наредниот период развиваат дополнителни техники, вклучувајќи правење мали белји во тајност, како и оправдување на сопственото однесување, при што се проценува дека околу третата година ја совладуваат вештината на лажење.
Во истражувањето на Универзитетот во Бристол учествувале повеќе од 750 родители од Велика Британија, Соединетите Американски Држави, Австралија и Канада, кои одговарале на прашања за развојот на своите деца. Од овој број, 130 родители пријавиле дека кај своите деца, пред да наполнат 47 месеци, забележале до 16 различни облици на измама. Примерите вклучуваат климање со главата во знак на негирање кога ги прашуваат дали ја изеле чоколадата што токму ја јаделе.

Авторите на истражувањето појаснуваат дека, откако ќе се научат, овие „акциски“ лаги постепено се засилуваат до приближно втората година од животот, кога децата стануваат повешти во прикривање информации. Водечката авторка на истражувањето Елена Хоицка истакнува дека на таа возраст децата учат како да премолчат одредени детали. На пример, како точно да им кажат на родителите дека братот или сестрата ги удриле, но да го изостават фактот дека тие први го удриле својот брат или сестра.
Хоицка наведува дека на тимот му било особено интересно да види како разбирањето и користењето на измамата се развиваат уште во изненадувачки рана возраст, а потоа се надградуваат во првите години од животот, така што децата стануваат прилично вешти и снаодливи „мали лажговци“. Објаснува дека претходните истражувања измамата често ја разгледувале исклучиво како сложено однесување кое бара силни јазични вештини и напредна способност за разбирање на туѓите мисли.
Во новото истражување, експертите анализирале и примери од животинскиот свет, вклучувајќи шимпанза, капуцини, антилопи и птици, и таквата рамка ја примениле врз малите деца. На тој начин успеале да ги документираат најраните облици на измамничко однесување кај децата и да заклучат дека тоа започнува многу рано.

Хоицка, која е мајка на три деца, во текстот напоменува дека од лично искуство може да потврди колку децата знаат да бидат досетливи и лукави. Како типичен пример наведува криење под маса или во бања за да можат на мир да јадат слатки или чоколада.
Професорката истакнува дека се надева дека резултатите ќе ги охрабрат родителите и лицата кои работат со деца, бидејќи покажуваат дека ваквите однесувања се сосема нормални во развојот на децата од предучилишна возраст и им даваат насока што можат да очекуваат за да останат чекор пред детската измама.
Коавторката на трудот Џенифер Саул, професорка по филозофија на Универзитетот Ватерло и авторка на книгата „Lying, Misleading, and What is Said“, потсетува дека филозофите долго време се занимавале со прашањето за моралноста на човечката измама, но најчесто фокусирајќи се на возрасните кои се мамат едни со други. Таа нагласува дека ова истражување покажува колку сложеност се занемарува кога се игнорираат раните развојни облици на измамничко однесување кај децата.