Шест фрази што бабите и дедовците не треба да им ги кажуваат на внуците

Кармин

23/03/2026

13:45

509

Големина на фонт

а а а

Секоја баба и дедо сакаат нивните внуци покрај нив да се чувствуваат среќно, сакано и безбедно. Сепак, понекогаш и најдобрата намера може да има спротивен ефект.

Ненамерни, па дури и добронамерни коментари можат да создадат средина во која внуците се чувствуваат непријатно или несигурно, изјавила за „HuffPost“ детската психологинка Ен-Луиз Локхарт. Поради тоа, важно е да размислиме за начинот на кој комуницираме со најмладите, пишува „HuffPost“.

„Можеби е тешко да го промените начинот на кој зборувате, но важно е свесно да ги бирате зборовите и да бидете свесни колку тие можат да влијаат на тоа како вашите внуци размислуваат и се чувствуваат, и за себе, и за вашиот однос“, додала Локхарт.

„HuffPost“ во разговор со психолози откри кои вообичаени фрази е најдобро да се избегнуваат и што да се каже наместо нив. Една напомена пред да почнеме: ако некогаш сте употребиле некоја од наведените фрази, или тоа ви се случи во иднина, не грижете се премногу и не чувствувајте вина.


„Никогаш не е доцна да почнете повнимателно да им пристапувате на интеракциите со вашите внуци“, истакнала Андреа Дорн, психотерапевтка и авторка на серијалот детски книги „Mindful Steps“.

„Не кажувај им на мама и тато…“

Без разлика дали станува збор за тајно давање дополнително колаче на внуците или за тоа да им се дозволи да останат будни подолго, со шепотење: „Ова ќе биде наша мала тајна“, поттикнувањето децата нешто да кријат од родителите може да биде штетно, предупредила клиничката психологинка Заинаб Делавала.

„Со тоа се поткопува авторитетот на родителите, што може да има долгорочни последици“, рекла таа. „Освен тоа, на децата им се покажува дека постојат ситуации во кои е во нивен ’најдобар интерес‘ нешто да премолчат пред родителите. Тоа може да биде особено опасно ако детето е злоупотребувано од предатор или се чувствува лошо поради врсничко насилство“, објаснила таа.

Наместо тоа, важно е да се зајакнува значењето на искреноста кон родителите, без оглед на сè. „Бабите и дедовците можат да најдат други начини да ги разгалат своите внуци, а притоа да не ги преминуваат границите што ги поставиле нивните родители“, заклучила Делавала.


„Колку си пораснал/а! Да не си се здебелил/а?“

Коментарите за телото или тежината на детето се големо „не“, истакнала Локхарт, бидејќи можат да придонесат за проблеми со сликата за сопственото тело и самодовербата.

„Како одговорни возрасни личности, наша должност е да ги поддржиме и охрабриме децата да се чувствуваат самоуверено во сопствената кожа. Да избегнуваме секакви коментари што би можеле да ѝ наштетат на нивната самосвест и да доведат до несигурност. Во мојата пракса ова го слушам постојано, од мали деца до возрасни. Острите коментари од бабите и дедовците, како овие, се паметат и се вртат во глава со години“, истакнала таа.

Дорн додала дека проблематични се и сите забелешки или споредби за физичкиот изглед, како: „Да не си ослабел/а?“ или „Леле, сега си многу повисок/а од брат ти!“.

„Проблемот со коментарите за физичкиот изглед или со споредбите со другите е што ставаат преголем акцент на важноста на надворешните обележја во однос на внатрешните особини“, објаснила таа.

Наместо тоа, предлага да се каже нешто како: „Многу ми е мило што те гледам! Ми недостигаше нашето дружење. Како си?“. Отворените прашања за интересите, активностите или хобијата на внуците исто така се одличен избор.

„Искрениот интерес за тоа кои се децата однатре им помага да се чувствуваат видени и сослушани. Им испраќа порака дека секоја личност вреди токму таква каква што е и дека сите сме повеќе од само изгледот или од она што го носиме“, рекла Дорн.


„Изеде повеќе од мене!“

Сите коментари за тоа колку вашите внуци јадат, како „Толку брзо јадеш“, „Гледам дека си член на клубот на празна чинија“ или „Изгледа ништо не си ни допрел/а“, најдобро е да ги задржите за себе.

„Учењето за храната и препознавањето на сигналите за глад е важен развоен чекор во детството“, рекла Дорн. „Коментарите за ’добри‘ и ’лоши‘ навики во исхраната можат да ги наведат децата своето однесување да го приспособуваат на туѓи коментари, наместо да ги слушаат сигналите на сопственото тело. Тоа исто така може да предизвика чувство на срам или збунетост“, истакнала таа.

Навистина нема потреба да ја коментирате чинијата на вашите внуци или нивните навики во исхраната. Но ако баш сакате нешто да кажете, Дорн препорачува да се фокусирате на важноста од слушањето на сопственото тело.

„Таа практика можете и самите да ја применувате така што ќе го слушате сопственото тело, ќе престанете да јадете кога сте сити и ќе јадете кога сте гладни. Да се биде добар пример е поважно од кој било коментар што можеме да го дадеме“, нагласила таа.


„Толку си разгален/а“

Кога ќе видите дека вашиот внук се однесува неблагодарно додека отвора куп подароци или има напад на бес затоа што не го добил тоа што го сакал, можеби ќе дојдете во искушение да го наречете разгален.

Меѓутоа, ако таквото однесување постојано се повторува, веројатно е помалку поврзано со детето, а повеќе со начинот на кој е воспитувано.

Како што за „HuffPost“ изјавил клиничкиот психолог Рајан Хоус: „Ако се однесуваат како да заслужуваат сè и се неблагодарни, тоа можеби е однесување што го научиле или го виделе од другите, а можеби дури и родителите го поттикнувале. Затоа не е фер целата вина да се префрли врз нив. Преминете преку тоа или разговарајте со родителите, но осудата задржете ја за себе“.

„Дојди да ме гушнеш и бакнеш!“

Како баба или дедо, природно е да сакате да се поврзете со внуците на овој начин, особено кога сте возбудени што ги гледате. Сепак, многу деца не се чувствуваат пријатно да делат прегратки и бакнежи на барање и важно е возрасните во нивниот живот да го почитуваат тоа.

„Иако оваа фраза веројатно е изречена со љубов и желба за блискост, таа може ненамерно да му ја одземе на детето автономијата над сопственото тело и да го натера да ги преиспитува своите граници. Тоа може да испрати збунувачки пораки за согласноста“, објаснила Дорн.

За да ги почитувате границите на вашите внуци, наместо тоа можете да го формулирате како прашање: „Би сакала да те гушнам. Смеам ли?“ Но ако кажат „не“, прифатете го нивниот одговор и не инсистирајте.

„Внимавајте да не навалувате или да користите чувство на вина со коментар како: ’Те молам, само еднаш? Јас сум ти баба!‘, советува Дорн. Наместо тоа, задржете ведар тон и кажете нешто како: „Во ред! Многу те сакам и едвај чекам да слушнам што сè си правел/а“.

Можете да предложите и други начини на поврзување, како мавтање за поздрав. „Децата често се чувствуваат како да немаат многу контрола, па така им испраќате силна порака дека важните возрасни во нивниот живот ќе ги почитуваат нивните телесни граници без разлика на сè“, објаснила Дорн.

Овој пристап исто така ја зајакнува идејата дека физичката блискост е личен избор, поттикнувајќи здраво разбирање на границите и согласноста и во други области од нивниот живот.


„Твоите родители ова го прават погрешно…“

Родителските стилови и практики се менуваат со текот на времето. Можеби вие сте ги воспитувале своите деца поинаку од тоа како вашите возрасни деца сега ги воспитуваат своите.

„Бабите и дедовците пораснале во друго време, со поинакви обичаи и норми и природно е да сакаат да ги коментираат разликите“, рекол Хоус. „Нема ништо лошо во истакнувањето на тие разлики, но многу лесно е таквите коментари да звучат како посрамување. Под посрамување мислам на прогласување еден начин за исправен, а другиот за погрешен, како и сугерирање дека нешто не е во ред со внукот или со неговите родители“, додал тој.

Општо земено, најдобро е таквите коментари да ги задржите за себе, освен ако не забележите „сериозни пропусти или нешто што би можело да му наштети на детето. „Дури и тогаш, најдобро е загриженоста да им ја изразите на родителите, а не на внуците“, нагласил Хоус.

Споделувањето такви осуди или негативни коментари за родителските одлуки со внуците не е добра идеја, истакнал тој. „Ако бабите и дедовците имаат проблем со начинот на кој нивното дете ги воспитува внуците, треба за тоа да разговараат со него или да го задржат за себе, но внуците треба да се остават настрана“, заклучил Хоус.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk