Иако академската интелигенција е важна, воспитувањето на емоционално интелигентно дете е една од најважните задачи за секој родител. Емоционалната интелигенција (EQ) е клучен збир на вештини кои се развиваат со текот на времето и ја опфаќаат способноста за разбирање, изразување и управување со сопствените емоции, како и снаоѓање во меѓучовечките односи со емпатија и свесност.
Родителите можат да им помогнат на децата да ги усвојат овие вештини на која било возраст, со што им овозможуваат развој на емпатија, регулирање на емоциите и социјални вештини кои се клучни за снаоѓање во животот, пишува „Parents.com“.
Истражувањата спроведени во текот на последните неколку децении покажаа дека емоционалната интелигенција носи бројни предности кои му користат на детето во текот на целиот живот. Од друга страна, низок EQ може да доведе до потешкотии во иднина.
Високиот коефициент на емоционална интелигенција се поврзува со подобри односи, бидејќи им помага на децата да управуваат со конфликти и да развиваат подлабоки пријателства, а возрасните со висок EQ често имаат поквалитетни односи и во приватниот и во деловниот живот.

Деветнаесетгодишна студија објавена во списанието „American Journal of Public Health“ покажала дека социјалните и емоционалните вештини во предучилишна возраст можат да го предвидат успехот во животот. Децата кои на петгодишна возраст знаеле да делат, да соработуваат и да следат упатства имале поголема веројатност да стекнат факултетска диплома и да пронајдат работа со полно работно време до 25-тата година.
Покрај тоа, повисокото ниво на емоционална интелигенција обезбедува заштита од ментални нарушувања како што е депресијата. Логично е дека детето кое знае да се смири кога е луто подобро ќе се снајде во тешки околности, а она кое ги изразува чувствата на здрав начин поверојатно ќе одржува здрави односи. Добрата вест е дека сите деца можат да ги научат овие вештини со поддршка од возрасните.
Децата мора да научат да препознаваат како се чувствуваат, а родителите можат да им помогнат во тоа со именување на нивните емоции. Користете зборови што опишуваат различни чувства, како повреден, лут, среќен, возбуден, разочаран или исплашен. Можете и да му објасните на детето врз основа на што сте препознале како се чувствува.
На пример, ако детето е вознемирено затоа што изгубило во игра, можете да кажете: „Забележав дека ти се стегнати тупаниците и дека удираш со нозете. Изгледа дека си многу лут. Дали е така?“.

Ако изгледа тажно, кажете: „Гледам дека се муртиш и дека очите ти се полни со солзи. Дали си разочаран што денес нема да одиме кај баба и дедо?“ Користењето зборови како „лут“, „вознемирен“, „срамежлив“ и „повреден“ гради речник за изразување на чувствата, а важно е да се вклучат и позитивни емоции како „радосен“, „возбуден“ и „полн со надеж“.
Кога детето е вознемирено, дури иако неговите емоции ви изгледаат претерани, важно е да не го намалувате значењето на она што го чувствува. Потценувачките коментари можат да му испратат порака на детето дека со неговите чувства нешто не е во ред и да ја намалат веројатноста следниот пат да ви се довери.
Подобар пристап е да ги потврдите неговите чувства и да покажете емпатија, дури иако не разбирате зошто е толку вознемирено. Ако детето плаче затоа што не може да оди во парк пред да ја среди собата, кажете нешто како: „И јас се вознемирувам кога не можам да го правам она што го сакам. Понекогаш е тешко да се извршат обврските кога не ти се прават“. Кога ќе му покажете на детето дека разбирате како се чувствува, ја намалувате потребата големите емоции да ги изразува преку несоодветно однесување.
3. Бидете пример во изразувањето на чувстватаДецата треба да научат да ги изразуваат емоциите на општествено прифатлив начин. Да се каже „Повреден/а сум“ е корисно, но викањето на некого или уништувањето работи не е. Најдобар начин детето да го научи тоа е вие самите да му бидете пример. Користете зборови за чувства во секојдневниот разговор.
На пример, кажете: „Лут/а сум кога гледам дека децата се злобни на игралиштето“ или „Среќен/на сум кога пријателите ќе нѝ дојдат на вечера“. Истражувањата покажуваат дека емоционално интелигентните родители почесто воспитуваат емоционално интелигентни деца, па работењето на сопствените вештини помага да бидете поефикасен пример.
Откако децата ќе научат да ги препознаваат своите емоции, треба да научат и како да се справуваат со нив на здрав начин. Да се научи како да се смири, развесели или да се соочи со стравовите може да биде сложено за најмалите. Научете ги на конкретни вештини.

На пример, на детето може да му помогне да научи длабоко да дише кога е луто за да го смири телото. Можете да му кажете да вдишува низ носот и да издишува низ устата, како да дува меурчиња од сапуница.
Можете исто така да направите и „кутија за смирување“ која ќе содржи боенка, омилена книга со шеги, смирувачка музика или лосиони со пријатен мирис. Ставете ги предметите во кутија што детето може само да ја украси, а кога е вознемирено, потсетете го да ги користи тие работи за да ги контролира своите емоции.
Дел од емоционалната интелигенција е и учењето како да се решаваат проблеми. Откако чувствата ќе се именуваат и обработат, време е да се реши причината за проблемот. На пример, ако детето е луто затоа што брат или сестра постојано го прекинуваат додека игра видеоигра, помогнете му да смисли барем пет можни решенија.
На почетокот не е важно дали решенијата се добри; целта е да се поттикне размислување. Потоа помогнете му да ги процени предностите и недостатоците на секоја опција и да го избере најдоброто решение. Кога детето ќе направи грешка, разговарајте за тоа што можело да се направи поинаку и како може да ја поправи ситуацијата. Притоа бидете тренер, а не некој што го решава проблемот наместо него.

Без разлика колку детето изгледа емоционално интелигентно, секогаш има простор за напредок. Во текот на растењето ќе се соочува со нови предизвици што ќе ги тестираат неговите вештини. Нека градењето на овие вештини биде дел од секојдневието. Додека детето е мало, секојдневно разговарајте за чувствата.
Анализирајте ги емоциите на ликовите во книги или филмови и разговарајте како можеле подобро да ги решат проблемите. Користете ги грешките на детето како можности за учење. Кога се однесува несоодветно затоа што е луто или ќе повреди нечии чувства, разговарајте за тоа што се случило и што би можело да направи поинаку во иднина. Со ваша постојана поддршка, детето може да развие емоционална интелигенција и ментална сила потребна за успех во животот.